Учениците детектирале многу слабости кај своите професори!
“Имавме професорка по географија која тврдеше дека го видела Хитлер како бега со сателит, дека имало вонземјани кои грабнале жена од Велес но биле многу фини па ја вратиле на истото место.“
Ова го напишале во анкетата ученици од 45 училишта од земјава како дел од истражувањето спроведено од Младинскиот образовен форум во рамки на проектот “Средношколско организирање и учество”.
Учениците во анкетните листови се пожалиле и дека имаат проблеми во комуникацијата со натасвниците и стручните служби во училиштата, оценувањето , меѓуетничките конфликти и инфраструктурата. Во однос на квалитетот на настава, според учениците, дел од наставниците не биле компетентни за предметот кој го предаваат, употребувале лоша методологија на работа, информатички биле неписмени, немале нагледни средства и учебници за одредени предмети, немале соодветна програма и лошо ја спроведувале истата.
Учениците исто така напишале дека имел професорка по историја која тврдела дека Југославија и Советскиот Сојуз сеуште не се распаднати и дека граничиме со Црна Гора. Се жалат и дека професорите доцнеле по 15 минути на час, за 10 минути ја раскажувале лекцијата, а останатото време од часот го потполнувале со муабети.
Резултатите од целокупното истражување денеска ги презентираа пред неготинските гимназијалци Сања Божовиќ и Антонио Даниловски од Младинскиот образовен форум.
Од истражувањето произлегуваат и препораки до учениците, родителите, училиштата, локалните власти, младинските организации и министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование.