Лозарите исплашени а винариите сакаат формирање на Национална асоцијација на винарии!
За менаџерите на винариите прифатливи се измените во законот за вино со кои владата прави обид да стави крај на нелојалната конкуренција во производството и продажбата на виното во Македонија. Лозарите се сомневаат дека ќе останат без дел од приходот.
Со измените на законот се предлага формирање на Национална асоцијација на винарии во која ќе можат да членуваат само винарски визби со лиценци.
Предвидено е државата да воспостави и регистар на увозници на вино.
Тој ќе ја отслика состојбата за квалитетот и точната количина на увезени вина во државата.
Измените во законот за вино ќе ја прошират палетата за извоз на производи од винско грозје и вино надвор од Македонија. Исто така ќе треба да се намали сивата економија.
Законските измени ќе ја заострат казнената политика во овој сектор.
Инаку, лани токму поради непочитување на законот за вино на осум винарски визби им беа одземени лиценците за откуп.
Тогаш, во месец мај, Уставниот суд одлучи дека министерството за земјоделие нема право да одзема лиценци на винарии кои не го подмириле долгот кон лозарите од претходната година, заклучно со 30 април 2012 година.
Ваквите измени во Законот за вино предизвикаа различни реакции кај лозарите.
Дел од нив велат дека со овие измени можеби ќе се стави ред во продажбата на вино, но нив ќе ги остави без дополнителен приход во домашниот буџет зашто голем број од нив егзистенцијата ја имаат од продажбата на вино и ракија.