Следбениците на Гемиџиите, ја извозија првата етапа на регатата!
Учесниците во годинешната Вардарска регата синоќа стигнаа и ноќеваа во армискиот полигон Криволак. Сите учесници беа сместени во објектите на стрелиштето Стрела 1. Најголем дел од нив беа расположени да ги споделат искуствата од првиот ден на пловидбата по реката Вардар.
– Имаме убави спомени од пловидбата. Навистина беше интересно, ни се погоди времето, водостојот на Вардар е висок и секако при возењето по етапата имаше можност да се фотографираат живописните предели – рекоа учесниците.
– Утрово бевме во Неготино, сега се подготвуваме и тргаме да пловиме по втората етапа а вечер ќе стигнеме во Демир Капија. Како и секоја година така и оваа имаме четири етапи, по вечерашниот престој во Демир Капија, утре е пред последната етапа до Марвинци за во недела ќе стигнеме до Гевгелија. Ние како организационен одбор се трудиме максимално да ја одржиме оваа традиција“,изјави Александар Бузалков.
Вчера следбениците на Гемиџиите тргнаа од Велес кон Гевгелија и повторно ја оживеаја старата традиција на пловење по Вардар кон Солун за трговска размена./Б.Н.Т