Никако да стигнат до правда, акционерите од Ф- ка за кабли во Неготино!
Акционери и поранешни вработени не престануваат да бараат одговор од државните институции зошто сеуште не е решен статусот на фабриката за кабли „Неготино“ и имотот на фабриката во стечај. Според Младен Јанев претседател на Здружението на мали акционери некој бесправно го користи имотот на фабриката а нивните побарувања ги трга на страна.
– Јас но и другите акционери се сомневаме дека во изминатиот период се работеше криминално зошто во спротивно фабриката ќе си работеше најнормално и немаше од илјада сега да работат едвај стотина. Освен што има криминал има и некој кој го затскрива овој голем и со години долг криминал“, рече Јанев.
Тој тврди дека криминалот тежи милиони евра и затоа бара од надлежните институции во државата конечно да ја сфатат посериозно приказната за фабриката за кабли во Неготино.
Точно пред една година Центарот за сузбивање организиран криминал – Оддел за финансиски криминал до јавното обвинителство поднесе кривична пријава против седумдесет годишниот генерален директор на фабриката за кабли од Неготино и еден од управителите во фирмата „АЛСКОП ГМБХ” со седиште во Франкфурт, Германија за злоупотреба на службената положба и овластување.
Газдата и неговите деца, син и ќерка, како управители на фирми и законски застапници кои располагале со имотот на меѓусебно поврзаните фирми, осомничени се за одобрување рабати при извозот на готовите материјали и обезбедување на екстра профит.
– Во пријавата стои дека преку банкарски сметки, успеале според тогашните информации од МВР, да прикријат и да заработат 1,1 милион евра и милион долари при што им беше одреден триесетдневен притвор, рече Јанев.
Според овој акционер оттогаш поминала една година а работите не мрднале од место . Вината ја гледа во велешкиот суд и јавното обвинителството кои според него и покрај поднесените пријави велеле дека им е потребно време за работа.
– Ние акционерите се сомневаме во донесените одлуки на судот како и на луѓето кои го водат овој процес. Каде е тука инспекцијата? Имаме Управа за јавни приходи? Имаме суд кој регистрира и пререгистрира, праша Јанев
Тој посочи и на скандалозната трансформација направена од бугарски бизнисмен кој пред 6 години преку компанија МЕГА ЕЛ превзема мнозинство од акциите во неготинската фабрика со купопродажна обврска за инвестициски трошоци кои треба да им ги исплати на претходните сопственици од околу милион и пол евра. Бугарската фирма фабриката ја наследила со околу 500 работници но наместо да ги исполни своите обврски, бугарскиот инвеститор, го пререгистрирал акционерското друштво, го префрлил целиот имот на нова фирма и оставил на работа само околу 100-тина вработени. Инаку Акционерското друштво Фабрика за кабли – Неготино на 24 јануари 2011 отиде во стечај.
Акционерот Младен Јанев сега прашува зошто Владата не им вети на оштетените работници дека целосно ќе го разоткрие долгогодишниот криминал во фабриката, извршителите но и оние кои помагале или со години молчеле, судството, обвинителството и полицијата. Акционерите, вели Јанев, одамна предупредувале на планот на менаџерите за избегнување на обврските кон доверителите и работниците.
Во април 2010 година Фабриката за кабли ФКН ДООЕЛ „Неготино“ станала доминантен доверител во Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај, а во јуни 2010 година е донесен заклучок за продажба на нејзин недвижен имот. Тогаш како единствен понудувач, се јавила ФКН ДООЕЛ „Неготино“ и купила се што било ставено под хипотека. Подоцна Апелацискиот суд во Скопје донел решение со кое имотот повторно станал сопственост на Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај. Но, и покрај тоа, Фабриката за кабли ФКН ДООЕЛ „Неготино“ продолжила да стопанисува со недвижниот имот на Фабриката за кабли АД „Неготино“ во стечај./Б.Н.Т