Поправен Пепелишки а мост кај Војшанци ќе почека!
Сите 5 столбови на мостот кај село Пепелиште се поправени. Сега таму за петнаесеттина дена останува да се доработат градежните работи со кои ќе се обезбеди враќање на реката Вардар во првобитна состојба во коритото при што наносите од гранки и дрвја нема да предизвикаат нови оштетувања. Јавното претпријатие за државни патишта денес направи контола. Директорот Љупчо Георгиевски соопшти дека реконструкцијата на носечките столбови на овој мост чинела 23 милиони денари.
– Она што сега следува е постапка за обезбедување на сигурност на носивоста и функционалноста на постоечкиот мост значи за поправка на сите столбови на овој мост. Обезбедени се сретства за изработка на комплетната техничка документација. Ќе треба да се распише тендер за санирање на сите останати столбови на мостот, рече Георгиевски.
Сега по мостот во Пепелиште се одвива сообраќај со ограничена брзина од 30 км/час. Така ќе биде и кога работниците ќе работат на враќањето на Вардар во првобитна состојба. Сообраќај ќе се одвива и за време на поправката на останатите столбови бидејќи експертите проценија дека мостот е безбеден.
Освен овој поправка му треба и на мостот кај неготинското село Војшанци. Но засега ЈП за државни патишта не планира да го поправа.
– Тој мост ќе мора да причека бидејќи мора да се оди по некаква динамика, рече Георгиевски.
Мостот кај село Војшанци е стар и оштетен исто како и кај Пепелиште. На столбовите на тој мост исто така дополнителни проблеми му создаваат наносите од гранки и дрвја/Б.Н.Т