Дупки на заштитната ограда на автопатот Скопје – Неготино внесуваат страв кај возачите
Има дупка и на заштитната ограда на автопатот кај Неготино. Таа се наоѓа кај местото викано Дисанска дупка. Голема е десеттина метри. Уништената ограда е последица на сообраќајна несрека и стои подолго време.
Скоро со идентична големина е и дупката заштитната ограда на автопатот пред наплатната рампа кај Градско. Таа се наоѓа спроти бензиската станица. Таму жителите на Градско постојано минуваат и излегуваат на автопатот небирајќи време, дење или ноќе. Последен кој низ неа мина беше прилепчанецот Демир Папоски. Тој загина од удар на возило кое минувало на патот. Потоа Паповски го прегазија уште неколу возила бидејќи несреќата се случи ноќе на неосветлениот автопат.
Директорот на ЈП за државни патишта соопшти дека Македонија пат е задолжена за одржување на автопатот и санирање на штетите на оградите. Љупчо Георгиевски рече дека како што патот мора да се чисти од смет така треба да се поправаат и искинатите огради.
– Многу често за жал се случува граѓани да ја откорнат оградата, Македонија пат да постави нова и истото повторно да се случи, рече Георгиевски.
Овие дупки на заштитната ограда на Коридорот 10 го прават небезбеден автопатот. Возачите ги демне опасност од истрчување на животни.
Пред десеттина дена се случи куче да претрча пред возило на велешанец веднаш по наплатната рампа Сопот. Возачот не возел брзо па оштетено е само неговото возило.
Има и други случаи во кои автомобилите на граѓани удирале свињи и крави. Возачите велат дека се чувствуваат не безбедни додека возат и бараат Македонија пат да ги искрпи оштетените огради на автопатот./Б.Н.Т