Започна бербата на кардиналот во Неготинско
Првите количини од највкусното трпезно грозје се најдоа на пазарите во градот и ширум земјата. Поволните временски услови,температурите и дождот кои ги имаше на подрачјето на Тиквешијата во изминатиот период, овозможија грозјето од оваа сорта да ја добие потребната зрелост и да се стартува со бербата. Првите количини на кардинал традиционално започнуваат да се берат во реонот на Дисанијата, како и на други места кои имаат идеални услови за созревање. На самиот старт на бербата кардиналот постигна цена до 6о денари за килограм, додека по нешто пониска цена на големо се откупува на кванташкиот пазар во Кавадарци.
– Имам 18 декари лозов насад од кои 4 декари со трпезната сорта кардинал,почнав од вчера со бербата. Прво стравував дека ќе биде тешко ама со оглед на тоа дека добив цена од 50 ден за кг навистина сум пријатно изненаден. Ако продолжи вака и во наредните денови,нема зошто да стравуваме но ме плаши искуството од минатите години кога за само два дена цената падна на половина од првично понудената, рече лозар.
Годинава во Тиквешијата се очекува да се наберат околу 20 милиони килограми трпезно грозје. Најголем е бројот на производители токму во овој регион а најзастапени сe сортите афус али, кардинал, бело зимско, мускат хамбург, рибиер и мускат италија. Во помали количини се произведува и шасла, јулски мускат како кралица на лозјата.
Стручњаците неодамна изјавија дека во Македонија има минимум 10 000 хектари земјоделски површини кои можат да се искористат за подигнување на насади со трпезно грозје бидејќи постојат добри услови за тоа,системи за наводнување капка по капка, добра патна мрежа, почвена структура и поволна клима кои задоволуваат.
– Ако овие површини би се засадиле со трпезно грозје тогаш би се добиле некаде околу 150 илјади тони кои годишно на државата можат да и донесат дури 50 милиони долари девизен прилив што не е за потценување,констатираа експертите.
Грозјето од Тиквешијата воглавно се извезува на пазарите во земјите од Балканот. Најголеми количини се пласираат на пазарите во Србија, како и во земјите на поранешниот Советски Сојуз , како Украина, Белорусија и Русија. Пласман има и во Романија.
Проценките се дека во светот нема доволно количини на трпезно грозје кое е доста атрактивно и постигнува добра цена а и нема ограничувања за извозот. Во групата на големи увозници на трпезно грозје спаѓаат и Бугарија, Холандија, Канада, Пакистан, Германија и Англија./Б.Н.Т