Многу туристи во конаците на Манастирот „Свети Ѓорѓи“ кај Неготино
Конаците деновиве се вистинска атракција за туристите кои минуваат по автопатот Скопје – Солун. Од таму велат дека бројот на гости во летниот период е особено голем и дека бројни странски туристи доаѓаат овде да одморат од патувањето и да најдат духовен мир во конаците на манастирот.
Манастирските конаци имаат приземје и спрат со бројни простории. Источната страна на конаците целосно е поврзана со чардаци и балкони од кој се шири несекојдневен поглед на реката Вардар.
Денес овие реконструирани конаци се користат за преноќиште на туристи и верници, за разни собири на научни работници, ликовни средби и друго.
Од манастирот велат дека странските гости се воодушевени како од мирот и спокојот кој владее овде така и од македонската еколошка храна која се служи овде.
-„Многу е убаво, мирно, одмор за душата, убава е природата“, изјави нашата соговорничка туристка од Холандија.
Гости од Србија исто така со нас го споделија чувството на восхит од манастирскиот комплекс.
– Како во секој агол од манастирот да се крие некоја приказна, мами мистеријата и зеленилото во кое е обвиен, многу убаво ,пак ќе дојдеме овде на враќање од летувањето во Грција, рече Лилјана Вуќик.
Овој духовен објект е изграден во 14 век, а возобновен е во 1860 година .
Објектот е привлечен за верниците од сите краишта на земјава и пошироко не само поради духовниот мир туку и исцелителната моќ на 23 извори вода кои се наоѓаат во долниот дел на манастирскиот комплекс.
Посетителите кои доаѓаат со шишиња полнат од водите, се мијат лице, очи, пијат од водата со верба во здравје и долговечност за нив и нивните најблиски./Б.Н.Т