Неготинки мораат да раѓаат во Кавадарци и во Велес
Десеттина километри до Болницата во Кавадарци но и 40 км до Велешката болница треба да патуваат родилките од Неготино и Демир Капија поради неработењето на гинеколошко акушерското одделение во Неготино. Тие се принудени со силни породилни болки некогаш и по ризик на своето здравје и животот на нероденото дете да се малтретираат по патиштата за да стигнат до гинеколозите. Тие подолг период бараат од надлежните да им се овозможи да добијат породилна сала во гардот како што тоа беше некогаш.
– Ова е најголем пропуст за Неготино,зошто од тука да мораме да одиме и да се малтретираме во Кавадарци,мислам дека треба под итно да се среди проблемот,што треба не дај боже да се случи некоја несреќа, тогаш кој ќе биде одговорен за тоа, прашува неготинчанка.
Според директорката на Здравствен дом Неготино Благородна Бојаџиева вината што не функционира гинеколошкото одделение е на гинеколозите концесионери.
– До 31 декември 2010 година во Одделот Гинекологија и акушерство распоред за работа имаа затекнатите акушерки. За тоа време од сите гинеколози кои се матични доктори на жените од Општина Неготино и Општина Демир Капија , само д-р Бајатов Ќиро и д-р Катерина Маневска, извесен период од 2006 – 2009 година ги водеа раѓањата на еден број родилки. За ова време реализирани се 226 раѓања. Со сите гинеколози кои се матични доктори на жените во двете општини разговарав лично, во присуство на акушерка од Родилниот дом. Им предложив породувањето на пациентките чија бременост ја водат 9 месеци да го завршат во Родилниот дом во Неготино, но ниту еден не се одзва на мојот предлог, изјави Бојаџиева.
Според неа,за ваквите состојби било известено и ресорното Министерство.
Гинеколозите кои ги контактираше Дума.мк рекоа дека на гинеколошкото одделение во Неготино нема објективни услови за породување на жените и затоа не сакаат да ризикуваат.
Проблемот со родителките неодамна се најде и пред советниците во општинскиот совет. Претходно на прес конференција го актуелизираа опозициските советници.
– Нашите деца продолжуваат да се раѓаат во други општини, СДСМ предложи да се предвидат пари во буџетот за 2013 за повторно отворање на гинеколошко акушерското одделение, амандманот се усвои и пари се предвидоа а ние уште чекаме одделението да се отвори, рече Васко Стефанов, советник од СДСМ.
Ставот пак на градначалникот на Неготино е дека бил подготвен да помогне во решавање на проблемот.
– Еве сега слободно кажете им на сите гинеколози од РМ кои сакаат да работат во Неготино, средства има, Владата обезбеди и гинеколошко – акушерското одделение може да функционира само треба лекар гинеколог да ги опслужува пациентките во таа дејност. Сега засега тоа е проблемот не е друго,изјави Ванчо Апостолов .
И додека се чека на отворање на родилното одделение неготинската болница сеуште ќе чека на повторен детски плач./Б.Н.Т