Штитеник на „Порака“ продава списание „Лице в лице“ и собира пари за мобилен со камера!
Задоволни од заработката што ја оствариле од продажбата на списанието „Лице в лице“ се шесетемина продавачи, корисници на услугите на центарот за помош на лица со пречки во развојот „Порака“ од Неготино, а продажбата ја остваруваат и со помош на асистенти од центарот.
Тие за еден месец продале околу 200 броја од списанието, а за себе заработиле од 1000 до 1500 денари.
Данчо Јованов, штитеник во „Порака“ вели дека заработените пари сам ги чува и ќе штеди се додека не собере доволно за мобилен телефон.
„Редовно излегуваме на терен за да го продаваме списанието. Продавам за да соберам доволно пари за телефон со камера “ рече Данчо.
Негови пријатели коментираат дека тој е вреден и трудољубив. Велат дека е упорен се додека не го оствари посакуваното.
„Минатата година, Дане работеше со рециклирање пластика и рече дека од заработените пари ќе си направи нови заби. Тоа и го оствари. Од скоро, тој ги има сите заби на број“ кажуваат пријателите на Јованов и не се сомневаат дека тој ќе успее да заработи и да си купи телефон со камера.
Ганчо Караџовски е исто така штитеник во „Порака“ и продавач на списанието. Вели дека ги штеди своите пари за да купи нов телевизор за станот во кој живее.
„ Јас сум задоволен од оваа работа и се чувствувам корисен. Ќе купам нов телевизор кога ќе соберам доволно пари“ – рече тој.
Во Неготино и Тиквешијата, списанието почнаа да го продава пред околу еден месец. Инаку, Неготино е првиот град после Скопје каде што се продава „Лице в лице“./ А.Д