Витанов му одговори на Димовски: „Нема да ме замолчите“
Советникот во неготинскиот совет, Диме Витанов денеска на прес конференција одговори на обвинувањата од Илија Димовски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ за наводна вмешаност во скандал со користење на името на Димовски за фингирање на афера.
„Јавно го прочитавте мојот број и со тоа ми направивте услуга, сите граѓани го знаат мојот број и ми се јавуваат да ми искажат поддрша да продолжам да бидам најгласен во Советот на општина Неготино, да продолжам да бидам најгласниот против расипничкото работење на градоначалникот на Неготино и структурата на ВМРО-ДПМНЕ“ рече меѓу другото Витанов нагласувајќи дека денеска во Македонија телефонски разговор со свои пријатели, роднини и познаници станал мисловна именка.
„Да се користи разговор со пријател како наводен скандал е долно, срамно и пред се недозволиво. Сега е јасно зошто К-15 повеќе не се емитува! Во држава, со којашто раководи оваа гарнитура на власт, нема шала. Единствено што постои е тепање на слободни граѓани, заканување со кривични пријави и ништо друго. Господа од ВМРО-ДПМНЕ, во време кога се обзнануваат големи криминали на ваши високи функционери, во време кога на виделина излегуваат тешки пари и криминали, вие со смешна прес конференција сакате да го свртите вниманието од вас“ рече Витанов.
Тој нагласи дека заканата за кривична пријава не го заплашувале ниту пак ќе го замолчеле. Ќе продолжел и во иднина да ги застапува интересите на граѓаните кои го избрале./ A.Д