Донација од ротаријанците во Неготино за детската градинка
Ротаријанците од Неготино ја продолжуваат подршката со хуманитарни активности кон заедницата. Организираа донаторска вечер, а собраните средства од истата ќе ги донираат на детската градинка „Фемо Кулаков“ од овој град.
Со парите што ги собраа бизнисмените ќе се менува опремата во градинката која е стара триесетина години.
„Ротари клуб Неготино го формиравме минатата година и станавме членка на Ротари интернационал. Од основањето досега реализиравме неколку акции за подршка на заедницата, а имавме и крводарителска акција. Дониравме спортска опрема за учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Неготино, ја помогнавме и библиотеката која од затворен премина во отворен тип на библиотека, а сега со оваа акција даваме подршка за најмладите од детската градинка „Фемо Кулаков“. Важна е пораката која што ја испраќаме за солидарност“ рече претседателот на Ротари клуб Неготино, Ѓорѓи Тренев и нагалси дека и во наредниот период ќе продолжат да донираат во заедницата.
Од името на најмладите за донацијата се заблагодари Зорица Јовановска, претставник на градинката.
“Донацијата е во вистински раце. Децата се нашата иднина и најисплатливата инвестиција“ рече Јовановска./А.Д