Во Пепелиште и на Криволак, вежбаат македонските и питомци од осум земји во светот
Девет дена во воениот обучен центар во Пепелиште и на армискиот полигон во Криволак, питомци од Воената академија во Скопје со колеги од САД, Германија, Велика Британија, Бугарија, Косово, Турција, Црна Гора и Босна и Херцеговина практично ќе ги применат стекнатите знаењата. Младите кадети се дел од проектот на македонското министерство за одбрана кој има за цел да ги поврзе и да им овозможи соработка на идните војници, учесници во мировни мисии на регионален и глобален план.
Летниот кампус во Пепелиште се одржува по петти пат. Таму годинава питомците вежбаат и се дружат веќе два дена. Создадени се и првите меѓународни пријателства бидејќи вежбаат во тимови и меѓу себе соработуваат. Стоседумдесетте кадети на располагање имаат техничка и интернет поддршка, врвни обучувачи и гости кои ќе им ги пренесат личните искуства и стекнати вештини.
„Треба да се препознае и да се избере лидерот во постконфликтното подрачје , да се успее и да се воспостави контакт , да се воспостават и реализираат преговори се со цел да се унапреди соработката со локалното население и да го градат мирот во некоја постконфликтна ситуација. Тоа е само една од вежбите. Ќе има соработка со медиумите. Питомците ќе учат како да подготвуваат извештаи од терен, како да комуницираат со населението преку медиумите, ќе реализираме емисии во живо. На вакви ситуации треба овие деца да се навикнат бидејки со нив ќе се соочат во мисиите кои ги очекуваат. За жал немаме најави дека нема да имаме такви конфликтни ситуации во кои и ние же партиципираме, “ рече Деканот на Воената Академија во Скопје, полковник др Орце Поповски.
Летниот кампус денеска свечено го отвори заменик министерот за одбрана на Македонија, Емил Димитриев. Пред построените питомци рече дека денешните разбирања за безбедноста како резултат на новите безбедносни парадигми како и глобалниот и технолошкиот развој, во голема мерка се разликуваат од порано.
„Според мене до соодветен одговор на современите закани може да се дојде само преку развивање на регионална и мултилатерална соработка,“ рече Димитриев.
Меѓу питомците има и студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип како соработник на Воената Академија во Скопје. Кампусот ќе трае до 20 јуни. За питомците се организирани и посети на културно историски споменици во Скопје, Битола и Охрид./А.Д