Државата почна да го собира родот од узурпираните површини
Комбајни денеска почнаа да ја жнеат пченицата засеана на државна земја кај неготинското село Пепелиште.
Државата со овој чекор започна војна со узурпаторите. Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов рече дека законот неселективно ќе се применува за сите. Досега биле поднесени неколку кривични пријави против луѓе кои саделе земјоделски култури на земја во државна сопственост.
„Јасно кажуваме дека родот го прибира државата односно државниот инспекторат. Ние сме должни да го штитиме имотот на државата. Мора да се знае дека ова не е село без кучиња и нема да дозволиме кој каде сака, да влегува, сее и ора. Ние тежнееме да бидеме максимално коректни , реални и објективни . Секако дека не можете секогаш да бидете идеални, некаде можеби и да не дознаеме за вакви случаи, голема е територијата на Македонија со оглед на капацитетите на инспекторатот, но таму каде што имаме јасна дојава и имаме увид, како што е овде случајот ќе бидеме немилосрдни “ рече директорот на Државниот инспекторат зе земјоделство,Румен Стаменов.
Тој нагласи дека ваква акција за прв пат се спроведува во државата. Собраната пченица ќе била складирана најверојатно за стокови резерви.
„Земјоделското земјиште се издава под концесија под многу прифатливи цени. Оние што се обидуваат на овој начин да го избегнуваат законот ќе бидат санкционирани. Сега узурпацијата е кривично дело“ подвлече Стаменов./А.Д