На возраст од само шест години се искачи на Солунска Глава!
Ване Бошев со своите шест години е најмладиот македонец кој се има искачено на врвот Солунска Глава на планината Јакупица. Во саботата, по пешачење од цели 13 часа тој успеа да се искачи на надморска височина од 2540 метри.
Кажува дека планинарењето поминало во најдобар ред, а и временските услови му биле во прилог.
Бошев беше дел од триесетчлената група која што учествуваше во оваа планинарска акција. Тој е горд на својот успех, но со него се гордеат и останатите планинари кои со аплауз го дочекаа на врвот.
„ Полицајците горе што работат планинарите ги дочекаа со чај и вода а мене ми дадоа млеко и чоколади. Почнав да планинарам на неполни три години. Досега ги имам освоено врвовите “Бел Камен” на Плачковица, “Милкин Врв” кај Валандово, “Кадиица” Пехчево, “Пелистер” Битола, “Делчев Врв” на планината Серта кај Неготино. Сум одел на февруарски походи и меморијални планинарски маршеви низ цела Македонија. На училиште морам да одам, ама едвам чекам да дојде петок за да планинарам некаде“ со гордост ни раскажуваше Бошев кој важи за еден од најмладите планинари во Неготино и пошироко. Тој е дел од планинарското друштво “Антигонеа”, каде што членува и неговиот татко.
Ни ја кажа и неговата голема желба поврзана со планинарењето. Кога ќе наполнел десет години со татка си да се искачи на највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан.
Погледнете го и видеото снимено од планинари учесници на оваа акција
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=j3vQS9NnC0k{/youtube}