(Фото) Ставревски со честитка за лозарите за исплатени субвенции, а Николовска вели не верувала во исплатата
На одбележувањето на христијанскиот празник Свети Трифун стигна честитката на вицепремиерот Зоран Ставревски за лозарите во државата. Тој лично од плоштадот во Неготино им соопшти дека на нивните трансакциски сметки државата ги почестила со субвенциите. За сите 12 илјади 650 лозари во Македонија во висина од 386 милиони денари.
– Засега субвенциите се исплаќаат сосема добро според планот. Во изминатиот период вршевме исплата на лозарите како што кажав и тоа е целосно завршено. Исто така започна исплатата на субвенциите за тутун и преку 27 илјади граѓани, производители на тутун веќе ги добија субвенциите за предадениот род.
Но не сите лозари кои денеска излегоа на плоштадот велеа дека добиле пари. Тие пак останаа на ставот за селективни исплати и тврдеа дека сметките им се празни. Затоа само стоеја и гледаа, велејки дека не им било до славење.
– Ќе ги земамеме парите на свети никогаш,прослава правиме без пари ,за плачење а не за славење е работата, рече лозар.
– Субвенциите не се добиени,денар немам земено,има за некои а за некои нема, рече лозар.
– Што ќе славам без пари,не ми е до славење,без пари каде да одиме, рече лозар.
И додека општината како организатор на прославата официјално го најавуваше присуството на вицепремиерот Ставревски на плоштадот во Неготино пристигнаа дел од опозициските пратеници и високи функционери на СДСМ. Ленче Николовска рече дека не веруваво честитката на Ставревски и целосната исплата на субвенциите.
– Значи да верувате во ветување на една влада која што ги доцни субвенциите за 2012 година речиси две години јас мислам дека е понижување и потценување на македонскиот земјоделец, рече Николовска.
Прославата на неготинскиот плоштад траеше до доцна попладнево за каде домаќинот, општина Неготино, обезбеди бесплатно вино во неограничени количини и илјада килограми скара. Неготинци ќе продолжат и вечерва со славење во кафеана./Б.Н.Т