Во чест на Св. Трифун, заштитникот на лозарите и винарите, закројани лозници на „Тиквеш“
Се закроија лозниците, денеска, на лозовите насади во месноста Лепово сопственост на винарската визба „Тиквеш“. Таму гости беа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот колега од Хрватска, Тихомир Јаковина. Стратегијата за долгорочен оддржлив развој на ВВ „Тиквеш“ се темели на обемни и континуирани вложувања во сите сегменти, вклучувајќи го примарното производство со цел постојано унапредување на квалитетот на грозјето, каде се забележани импозантни резултати.
– Создавањето на врвно вино започнува уште на лозовите насади. Препознавајќи го значењето на квалитетот на грозјето во производството на вино, ние во „Тиквеш“ посветуваме големо внимание, средства и знаење во развојот на сопствените лозови насади, но и на нашите партнери – лозарите, преку едукација и интензивна соработка во текот на целата година, изјави Игор Илиевски, извршен директор на ВВ „Тиквеш“, Тој потенцираше дека токму со симболиката на закројување на лозите се означува почетокот на новиот циклус на производство на висококвалитетно вино, што и дава специфично значење на оваа традиција.
Во фокусот на активностите на винарската визба „Тиквеш“ за одбележување на годинешниот празник се љубителите на висококвалитетното македонско вино.
Винарницата лансираше специјална серија на вина со уникатни етикети кои им овозможуваат на љубителите на врвното виното сами да креираат лична посвета. Дополнително, винарницата ги отвори вратите на својот вински подрум во Кавадарци за сите оние кои за симболична цена сакаат да уживаат во автентичната комбинација на вино, храна и традиционална музика.
Винарницата денеска беше домакин на министерот за замјодество на Хрватска Тихомир Јаковина и на македонскиот министер Љупчо Димовски.
– Со големото внимание, огромната љубов, инвестиции и вложен труд во одгледување квалитетно грозје, Македонија докажува дека е земја во која се почитува и негува традицијата на производство на врвно вино. Владата и Министерството за земјоделство ќе продолжи интензивно да го поддржува лозарството со цел македонската винска индустрија да може да го искористи својот огромен потенцијал, а македонското врвно вино да го зацврсти своето место на светската винска мапа кое го заслужува, изјави министерот Димовски./Б.Н.Т