Неготински суд ја донесе првата осудителна пресуда во Македонија за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир Центар, против лицето С.М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 година донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Дума.мк