Николовски: Изградбата на новиот мост кај Башино Село ќе оди брзо, наспроти првичните информации на медиумите брзата пруга сепак ќе минува и низ Велес (фото и видео)
По пропаднатите два тендери за изработка на проект, за кои на крајот на мандатот информираше екс министерот за транспорт Благој Бочварски, државата не се откажала туку Јавното претпријатие за државни патишта работело на подготовката на проектот за изградба на новиот мост на река Вардар, кај велешко Башино Село. Актуелниот Министер за транспорт, Александар Николоски, при денешната посетата на Велес одговори на прашање на Дума.мк што ќе стори државата, додека стигне со севкупната подготовка на проектната документација и започне односно заврши изградбата на новиот мост, со безбедноста на граѓаните и на сообраќајот по Башиноселскиот мост за кој ЦУК излезе со податоци за неговата целосна небезбедност. .
-Нема да се оддолжи туку мислам дека работата ќе оди многу брзо. Веќе кажав дека ЈПДП работи на проектот и со буџетот за наредната година ќе има средства за изведувачот кој ќе го гради мостот. Ние сме три месеци на власт така да побрзо од ова не може. Во однос на сигурноста на мостот се сложувам дека не може да се рекоструира односно да се репарира туку мора да се изгради нов, рече Николоски.
Центар за управување со кризи на почетокот на месец мај, годинава, одговори на прашањата на Дума.мк за безбедноста на овој мост кој е особено значаен како за велешани така и за тешкиот товарен сообраќај затоа што камионите минат по него со цел да не минат и во онака преоптоварениот дел на централното градско подрачје. Тогаш од ЦУК соопштија во каква состојба е башиноселскиот мост, кај Велес:
„Со око e видливо дека бетонската конструкција на мостот се рони. Железната арматура наместа е `ргосана. Тоа е индикативно и предизвикува сериозни оштетувања на мостот. Проблем постои. Исто така, не постои документ дека мостот е стабилен. Јавното претпријатие за изградба на магистрални и регионални патишта е надлежно за овој мост и одредува како треба да се одржува,“ гласи ставот на Центар за управување со кризи,“ напишаа од ЦУК.
Наспроти првично објавените информации на националните медиуми дека брзата пруга низ Македонија ќе има сосема друга траса, од старата железничка пруга Скопје – Гевгелија, во денешниот одговор на новинарското прашање на Дума.мк дали и оваа власт ќе продолжи да го третира Велес како „слепо транспортно црево“, Николовски рече:
-Брзата железничка пруга ќе поминува низ Велес и за 20 минути ќе се стигнува во Скопје“.
Засега македонската Влада не предвидува купување на нови локомотиви и возови туку ќе ги репарира и поправа тие што државата ги има и граѓаните ќе се возат со четирите изнајмени од соседна Србија. Според Николовски репарацијата и поправката на македонските возови ќе се врши во велешката фабрика за шински возила „Колска“.
Убавка Јаневска