Нова „чиста сеча“ на Јакупица, пред село Папрадиште, од Национални шуми ветија став!
Сечата во шумскиот предел пред село Папрадиште, на планинскиот масив Јакупица, ја реализира ЈП „Национални шуми“ поточно велешката подружница Шумско стопанство „Бабуна“. На прашањето на Дума.мк зошто се применува сеча којашто е народно наречена „брич“ или стручно „чиста“ поточно сечење со ред на сите дрвја во шумски предел на планински масив раководителката Билјана Тевчева Кошинова одговори дека не станувало збор за непланска или сеча што е надвор од десетгодишниот план за реализација на сечи на македонското национално јавно претпријатие.
-Станува збор за работна задача на подружницата којашто произлегува од План за стопанисување со шуми на државата со важност од 10 години. Тоа што се применува „чиста сеча“ секако дека има оправданост бидејќи станува збор за дрвја кои сами се обновуваат. Не треба да се стравува од оголување или оставање на парцелите голи, без на нив да изникне нов шумски појас, додаде Тевчева Кошинова.
Раководителката исто така уверуваше дека примената на овој вид на сечење на дрвја во шумскиот масив на Јакупица, пред село Папрадиште, не треба да предизвикаат дополнителна ерозија на почвата и да влијаат на ново уништување на локалниот пат. Исто така патот е во многу лоша состојба. Тевчева Кошинова не упати на официјална изјава од ЈП „Национални шуми“.
Дума.мк како на официјалниот емаил на јавното претпријатие така и на емаил на лицето за контакт со јавноста побара одговор на прашањата на колкава површина се сечат, каков вид на дрвја и за каква намена? Бидејќи се реализира „брич-чиста сеча“ дали е безбедна по веќе целосно деградираниот пат до селото? Што планира ЈП „Национални шуми“ да стори на оголените парцели и не само на последнава, создадена деновиве, туку и на оголените од пред скоро една деценија ако тие се во нивна надлежност? Пред објавувањето, вработеното лице за комуникација со јавноста побара дополнителни појаснувања и на емаил потврди дека ќе ги обезбеди одговорите кои не стигнаа до објавувањето на текстот.
Веста за сечата пред село Папрадиште, преку фотографии и снимени видеа на мобилен телефон, на социјалната мрежа Фејсбук, се споделуваат од вчера вечер. Снимени се од сопственици на имот и куќи во село Папрадиште. Дума.мк се обиде да стапи во контакт со нив. Денеска не успеа. На фотографиите и видеото се гледа исечен дел од шумски појас. Тој е на многу помала површина од сечата пред скоро една деценија. Тогаш сечењето предизвика реакции само на социјалните мрежи бидејќи официјалниот став на јавното претпријатие беше дека се сечат дрвја коишто се на приватни парцели. По таа сеча останаа само огромни дупки во шумскиот појас што до денеска ја грдат панорамата на Јакупица независно од која страна се гледа кон селото Папрадиште. На оголената почва до сега нема засадено нови садници.
Убавка Јаневска