Нови игралишта за фудбал и кошарка добија децата од село Бањица и Лисиче во Општина Чашка (фото)

Објавено на 15 февруари, 2023 во 15:26
Фото: Фудбалско и кошаркарско игралиште во село Бањица, Општина Чашка

Дечињата од село Бањица во Општина Чашка, денеска, после училиште, своето слободно време го поминуваа на новонаправеното безбедно игралиште лоцирано во селото. Тие измешани во машко-женски тимови играа фудбал, кошарка но и други детски спортски игри. Ова мултифункционално игралиште е дел од проект реализиран од Полската Амбасада. На денешниот настан присутен беше Амбасадорот на Полска, Н.Е Војциех Тицињски, на којшто младите дечиња му се заблагодарија што им овозможил простор за игра додека амбасадорот потенцираше дека “детските насмевки се најголемо задоволство од целосната реализација на овие проекти“.

Фото: Амбасадорот на Полска Војциех Тицињски со Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски

-Ова е наш втор проект во соработката со Опшина Чашка. Имаме извонредна соработка. Се радувам што и двата реализирани проекти се насочени кон младата генерација, поточно кон подигнување на квалитетот на образованието. Европската интеграција на Македонија е целосно поддржана од страна на Република Полска. Нашата поддршка во најголем процент се реализира со поддршка на Брисел. Но за нас, многу е значајна и соработката на локално ниво, поточно со општините. Се надевам дека и оваа година успешно ќе реализираме заеднички проекти, додаде Н.Е Тицињски.

Фото: Децата му се заблагодаруваат за игралиштето на Амбасадорот,Н.Е Тицињски

Второто спортско игралиште, со кошаркарски и фудбалски терен, изградено е во населеното место Лисиче. Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, кажа дека е посебно горд што овој проект ги опфаќа токму овие две населени места, Бањица и Лисиче, бидејќи во едното доминира албанско а во другото македонско население.

Фото: Горан Стојановски Градоначалник на Општина Чашка

-Ова е веќе втор проект што го реализира Полската Амбасада на територија на Општина Чашка. Преку првиот се обезбеди парно греење за градинката во Општина Чашка, додека со овој се направија мултифункционални игралишта во селата Бањица и Лисиче. Посебно сум горд што проектот се реализира во две населени места, каде што во Бањица доминатно население е од албанската етничка заедница додека во второто, поточно Лисиче, од македонска етничка заедница. Како општина се грижиме да има баланс и соживот што е показател како во овие населени места, така и помеѓу граѓаните на целата територија на општината, додаде Стојановски.

Фото: Амбасадорот на Полска и Градоначалникот на Општина Чашка со дечињата од село Бањица

Проектот за изградба на две мултифункционални игралишта е во вкупна вредност од околу еден милион денари. Освен поддршката на Амбасадата на Полската финансиски средства вложија и Општина Чашка како и Јавното комунално претпријатие.

Фото: Фудбалско и кошаркарско игралиште во село Бањица, Општина Чашка

Инаку, денеска, Н.Е Војциех Тицињски оствари работна посета и во општина Росоман каде во село Сирковци, преку проект и финансиски средства на Амбасадата на Република Полска целосно се реконструирани тоалетите во училиштето. Проектот во росоманското село Сирковци чинел 12.000 евра.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.