Нови шест дена со високи концентрации на ПМ 10 честички во воздухот во Велес
Во изминатите пет и во денешниот шестти ден концентрации на опасните ПМ 10 честички во воздухот во градот покажуваат дека се над максимално дозволените. Ова се податоци од државниот мониторинг за Квалитет на воздух кои се регистрираат на мерното место во Нова Населба, поточно ги регистрира мерната станица поставена во дворот на детската градинка во близина на „Багремче“.
Во моментов во новиот дел на градот концентрациите на ПМ 10 честичките се скоро двојно повисоки и изнесуваат 97 мг/м3 воздух. Изминатите пет денови овие вредности се движат од 67,50 мг/м3 до 84,57 мг/м3 воздух.
Оваа мерна станица не ги регистрира концентрациите на уште по опасните по здравјето на граѓаните ПМ 2,5 честички. Исто така не се знаат вредностите на загадувањето на воздухот во стариот дел на Велес низ кој сообраќаат камионите за да стигнат до фирмите кои претходно влегуваа во градот преку мостот кај Башино Село, којшто е затворен за сообраќај. Велес нема мерна станица која што ќе го прикаже загадувањето токму по рутата на зголемен сообраќај ни која ќе ги регистрира канцерогените честички што ги носи ветерот од топилничарската депонија и погоните на поранешниот загадувач со тешки метали.
Дел од граѓаните го чуствуваат зголеменото загадување преку печење на грлото и носот. Се почесто на улиците во градот има велешани кои носат заштитни маски.
Убавка Јаневска