Новото гребење и асфалтирање на дел од улицата „Алексо Демниевски“ е поради покажан пропуст во изведбата на изведувачот
Се поправа ново асфалтираниот коловоз на улица Алексо Демниевски кај Ликовен салон поради покажан неквалитет. Граѓаните при возење почувствувале вибрации кои доаѓале од појавени бранови во асфалтната подлога. Тоа го утврдил и надзорот по што Општина Велес побарала скопската фирма изведувач, на своја сметка, да ја направи поправката.
-Дополнително беа забележани флеки на асфалтната подлога на коловозот коишто беа испитани и се потврди дека нема доволна збиеност и присутни се шуплини во асфалтот. Тоа значи дека при врнежи и посебно во зима мразот ќе придонесе за една до две години да се распадне таа улица, рече градоначалникот Марко Колев во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека гребењето и повторното асфалтирање било на товар на фирмата изведувач и нагласи дека општината подготвила видео коешто било презентирано на последната седница пред членовите на Советот и со кое им објаснил и на граѓаните на Велес за што станувало збор.
Колев уверува дека временската разлика од месец и половина, за колку што се случува поправката, нема да влијаеле на изгледот, поточно немало поправката да изгледа како крпеница.
Убавка Јаневска