Одбележан Денот на македонската револуционерна борба во Кавадарци

Со свечена церемонија и полагање свежо цвеќе пред спомен-плочата во центарот на градот, Кавадарци го одбележа Денот на македонската револуционерна борба. Настанот собра бројни делегации, претставници на институции и граѓани кои им оддадоа почит на борците за слобода и независност на Македонија.
Марија Михова, кустос историчар при Музеј-галеријата во Кавадарци, потсети дека годинава се навршуваат 132 години од формирањето на Македонската револуционерна организација (МРО), создадена на 23 октомври 1893 година од шестмина револуционери-интелектуалци.
-Организацијата произлегла од потребата на народот за самоодбрана и ослободување во тешките услови на крајот од 19. век. Нејзините основачи ја темелеле на идејата Македонија да се потпира на сопствени сили и да ја гради свеста за самозаштита, истакна Михова.
Таа додаде дека со вклучувањето на Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев и Јане Сандански, организацијата доживеала силен подем и станала симбол на борбата за слободна Македонија.
Со настанот, Кавадарци уште еднаш потсети дека идеалите на револуционерите остануваат трајна инспирација за генерациите што доаѓаат.
Дума.мк


