Одбележани 80 години од убиството на 12-те ваташки младинци
На 16 јуни 1943 година бугарскиот фашистички окупатор стрела 12 невини деца од Ваташа. Денеска се навршија 80 години од овој гнасен чин. Во Моклиште, пред споменикот на убиените ваташки деца цвеќе положија делегации од семејствата на убиените, градоначалникот Митко Јанчев, претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеници, советници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,, Христијан Мицкоски, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, делегации од кавадареки институции, претставници на месната заедница Ваташа и делегации од здруженија на граѓани.
Во чест на стреланите деца од Ваташа беа откриени 12 спомен бисти и спомен соба. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев побара извинување за ова гнасно дело од Бугарија.
„ Спомен собата има повеќе намени, или има, преставени се делови од животот на децата, во делот на нивното стрелање, во делот на градење на споменик од 1961 година и содржи нивни лични документи од самиот живот меѓутоа и посмртно од самите деца. Денес гордост е дел да си од Ваташа, гордост е да си дел од Кавадарци зошто овие деца го дале животот за слобода на Република Македонија, тука заедно со ваташани, кавадарчани, со повеќе наши граѓани и политичките партии заедно да го прославиме овој ден за да ја градиме иднината на основа на минатото и она што значи 80 години од ѕверското стрелање на овие 12 младинци. Сите немале ниту 120 години заедно на денот на нивното стрелање, а тоа е еден човечки живот кој го има живеено еден човек. Така да, да се убие дете, да се стрелаат 12 деца е незаборавен чин. Меѓутоа ние сме народ, христијански православен кој знае да проштева, меѓутоа прошката ја бараме со она што значи извинување и поклонување токму пред овие бисти и споменик“ рече градоначалникот Јанчев.
Историски час за стреланите младинци од Ваташа одржа професорот Мики Камчевски.
Со многу емоции, стиховите од песните Ми заплакало селото Ваташа и Цветови од Славко Јаневски ги интерпретираа Катерина Танева, Андријана Јаневска, Игор Џамбазов и хорот „Мирче Ацев“. Додека се интонираше оваа химна на селото Ваташа речиси од сите очи течеа солзи.
Стиховите од песната „Зора во гробје“ ги рецитираше Цане Пановски, а рецитал имаше и ученичка од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во Ваташа.
Пораката од денешното одбележување на осум децении од убиството на децата од Ваташа е никогаш да не се повтори ваков ужас.
Ангел Данов