ОЈО Велес доби известување од СВР Велес и отвори предистражна постапка за случајот „ученик повреди ученик“ во ООУ„Блаже Конески“
Секторот за внатрешни работи Велес во петокот, на 6 декември, годинава, во Јавно обвинителство Велес испратил известување за случен кривично правен настан со предизвикана тешка телесна повреда на 12 годишно дете, ученик во ООУ„Блаже Конески“, од страна на врсник и соученик.
Известувањето за кривично правниот настан на полицијата се темели на член 131 од Кривичен законик.
-Отворена е предистражна постапка во која се превземаат повеќе дејствија за овој случај од страна на повеќе лица и институции. Јавноста ќе биде известена за одлуката на Јавното Обвинителство Велес, рече Цветанка Боговеска, Јавна обвинителка за подрачјето на Општина Велес.
Станува збор за настан којшто на 20 ноември се случи во ООУ„Блаже Конески“ кога за време на училишен одмор 12 годишен ученик повреди соученик и му нанесе тешка телесна повреда на главата. Повредениот ученик беше итно пренесен од велешка Општа болница на скопска Клиника за неврологија и по неколкудневно болничко беше пуштен на домашно лекување.
Убавка Јаневска