Онколошките пациентки во Велес бараат лекари специјалисти и поголем број на термини додека од болницата соопштија дека вршат неделно од 16 до 28 мамографии

Објавено на 7 октомври, 2024 во 12:05

Месечно отворени што поголем број на термини за прв преглед и за контроли на  заболените жени од канцер на дојка како и можност упати да издаваат освен матичните лекари и специјалистите по хирушки болести, се само два од повеќето приоритети што можат да се слушнат од велешанки кои имаат сомнежи или пак се лекуваат од канцер на дојка. Листата ја дополнија и подобро упатени меѓу нив, затоа што го одат трнливиот пат којшто им го трасира болеста, со вработување во велешката болница на специјалисти радиолози и онколози затоа што Општа болница Велес опремена е со медицинска апаратура но нема лекари од овие медицински гранки. Со барањата на овие велешанки се сложуваат и претставничките на граѓанските организации кои ја следат состојбата со нималку лесната болест и секојдневно од нив помош бараат жени кои напипале топче на дојка. Особено затоа што велешката болница на располагање има медицински апарати и тоа два апарати ехо и по еден мамограф и компјутер.

-Жена со крварење од дојка не може да дојде до термин за ехо и за мамограф. Неа и е потребен итен упат и термин за да се утврди причината на крварењето, рече една од жените велешанки која и сама се бори со болеста и инсистираше да остане анонимна.

Слободни термини веќе тешко се наоѓале и во Скопје како на државна Онкологија така и во приватните болници. Тие чекале и по два месеци. Месечната контрола во приватните болници пациентките ги чинела од 1000 или 1500 денари и до до 9000 денари во зависност од потребниот број на здравствени услуги, што за нив најчесто значат отфрлање на сомнежот за заболување или потврда дека болеста не прогресира, препишување на редовна терапија или отворање односно продолжување на боледувањето.

Од Општа болница Велес одговорија на новинарските прашања на Дума.мк за состојбата со бројот на закажани прегледи. Во одговорот пишува дека од месец декември, минатата година, не се закажувале мамографски прегледи туку упатувањата и прегледите на дојка се извршувале според утврдена клиничка патека во Кабинет за дојка.

„Во Кабинетот за дојка се вршат клинички преглед, мамографски преглед и ултрасонографски преглед на пациенти со симптоми како што се палпабилна грутка, црвенило, болка како и контролни прегледи на веќе оперираните онколошки пациенти.На неделно ниво се закажуваат по 6 кабинети на ден. Асимптоматските пациенти и пациенти со позитивна фамилијарна анамнеза на возраст од 40-69 години мамографските иследувања ги прават во рамките на скрининг програмата на Министерството за здравство кои се изведуваат во велешката болница со помеѓу 16 и 28 мамографии неделно“.

Од Општа болница Велес додадоа дека со реализирање на скрининг програмата во болницата овозможувале ослободување на термини во Кабинетот за дојка на пациенти со симптоми и оперирани онколошки пациенти. Нив согласно интеринституционалната спогодба за телемедицина на Оддел за радиодијагностика,која што ЈЗУ Општа болница Велес ја има склучено со ЈЗУ Клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ од Скопје, прегледите во кабинет за дојка Велес за потребите од мамографија и ехо на дојки ги  извршуваат супспецијалисти по гинеколошка и мама дијагностика од оваа јавна здравствена установа.

Според соопштените статистичките податоци на велешка болница на месечно ниво бројот на термини за овој вид на здравствени услуги се движи помеѓу 64 и 112 прегледи. И тоа најверојатно е малку затоа што според податоци на граѓанците организации, пред почетокот на Корона пандемијата, бројката на заболени жени во Велес изнесувала околу 500 пациентки. Тогаш Велес бил на првото додека сега паднал на второто место, по Кавадарци. Сепак деновиве бројките се препроверуваат.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.