Онлајн наставата не посакувана форма на образование и за граѓанските организации, медиумите и бизнис заедницата
Најдобар начин учениците и ученичките да се стекнат со знаење во текот на образовниот процес е да се вратат во школските клупи од септември, годинава, сметаат претставници на граѓанските организации, бизнис заедницата, академската фела и медиумите. Тие денеска присуствуваа на последната Фокус група од проектот „Еднаквост за одржлив развој на заедницата – Креирање на база на податоци за родово буџетирање“, што во изминативе пет ипол месеци го реализира Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Проектот се реализира со етничките заедници што живеат во Велес и во четири населени места. Генералната оценка е дека онлајн наставата има бројни аномалии и недостатоци.
-Како главен проблем со кој се соочуваме јас и моето дете при онлајн наставата е тоа што морам постојано да бидам до него, за да бидам сигурна дека ја следи наставата. Но бидејќи моето дете е со посебни потреби а многу често се случува да презентира, тој не може да прочита од таблетот бидејќи буквите се многу ситни, исто така, не може да фаќа забелешки од предавањата на часевите. Многу често снемува интернет, материјалот е премногу обемен, седи по шест или седум часа да ја следи наставата а потоа седнува да пишува домашно и да научи. Нема социјализација, неговото друшство е сведено само со нас домашните, рече Божанка Лазова, преставник на ЗГ на лица со посебни потреби.
Неможноста да се дружат меѓусебе, скратеното времетраење на часевите како и немањето услови за непречено одвивање на онлајн наставата, се исто така голем проблем, констатираа присутните.
-Имаме многу тешкотии при следењето на онлајн наставата, многу често ни паѓа интернетот. Исто така, проблем е и платформата Microsoft Teams , бидејќи брои се до сеукунда. Еден ден се случи да имаат лектира и плус историја да прават тест, мојот син ја предаде лектирата но во системот беше напишано дека ја предал со еден ден задоцнување, а детето беше толку многу оптеретено тој ден што не можеше се да постигне. Дали да се спрема за историја, за тестот по математика или пак за лектирата, рече Биљана Ангелова од Организација на жени на Општина Велес.
На денешната работа во фокус група присуствува проф. д-р Љупчо Вчков од економскиот и асистент Ѓорѓи Манчев од Правен факултет при Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе. Манчев искажа лични ставови за следењето на онлајн наставата од страна на студентите на нивниот Универзитет.
-Кај нас на факултет се користи платформата Зоом и освен што можам да кажам дека имаше прекини во интернет комуникацијата не се соочивме со некои други сериозни проблеми. Кај нас студентите на секое предавање и полагање на испити, задолжително се уклучуваат и со камера и со микрофон и на тој начин бевме сигурни дека ја следат наставата. Исто така и дека не се случи препишување за време на полагање на испитите, додаде Манчев.
Во рамки на проектот „Еднаквост за одржлив развој на заедницата – Креирање на база на податоци за родово буџетирање“, спроведени се повеќе активности како што се анкетирања на родители за проблемите со кои се соочуваа нивните деца при онлај настава, учениците, неколку фокус групи со преставници од Општина Велес, Претседател на Советот на оштината и координатори на советничките групи, Комисија за еднакви можности на мажите и жените, директори и директорки на основни и средни училишта.
Стефани Манева