„Опел“ удри во сообраќаен знак на плоштад „С`рмаале“ во Велес

Со лесни телесни повреди се здобил возачот на автомобилот марка „Опел“ којшто околу 15 часот се качил од коловозот на улица „8 Септември“ и удрил во сообраќајниот знак на тротоарот на ќошот од раскрсницата со улица „Страшо Пинџур“ во Велес. На лице место на незгодата интервенирала екипа на Итна помош.
-Станува збор за пациент на кој му се влошила здравствената состојба додека возел. Констатиравме висок крвен притисок и го пренесовме на Интерно одделение во Општа болница Велес. Пациентот е странски државјанин. Тој зборуваше германски. Не се жалеше на други повреди, рече д-р Жарко Манасков од Итна помош.
Портпаролката на Општа болница Велес, д-р Елена Левкова Ќулумова соопшти дека пациентот е згрижен во дневна болница на Интерно одделение.
-Освен терапијата што во моментов ја прима за покачен крвен притисок пациентот не се жали на други повреди. По стабилизирање на неговата здравствена состојба ќе биде пратен на домашно лекување, рече д-р Левкова Ќулумова.
Во возилото имало и други патници, потврдија од СВР Велес. Екипа ќе излезе на местото на незгодата и ќе направи увид. Резултатите од увидот ќе ги покажат причините за незгодата.
Убавка Јаневска
