Општина Велес сардисана од тужби за каснување од куче
Вртоглава сума од близу еден милион и седумстотини илјади денари исплатила Општина Велес, од почетокот на годинава до сега, како обештетување на граѓани кои биле каснати од кучиња. Седуммина граѓани, по судски пат, од општинкиот буџет извлекле 950 илјади денари, додека 15 граѓани, каснати од куче, спогодбено се договориле општината да им исплати по педесет илјади денари како обештетување.
Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски соопшти дека ова е сериозен проблем со кој повеќе години се соочува општината. Тој се сомнева дека одредени граѓани го злоупотребуваат законот за да добијат обештетувања и тоа за не така мали суми на пари.
-Простор за сомнеж во веродостојноста на ваквите постапки остава тоа што овие граѓани ги застапуваат едни исти адвокати. При обезбедување на медицинската документација во случај на каснување од куче, се случува, истовремено доктор од ЈЗУ Општа болница Велес, кој го прегледал лицето каснато од куче, да се јавува и во својство на вешто лице, што исто така остава простор за сомнеж. Тоа значи дека еден ист лекар издава и лекарско уверение и прави наод од вештачење. Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани“, додаде Коцевски.
Милионски суми од општинката каса, биле исплатени и изминатите години за исти обештетувања. Така лани, по овој основ, се исплатиле вкупно 2.673.481 денари. Во 2019 година иплатени биле 2.266.014 денари. Коцевски смета дека ваквата пракса мора да се спречи.
-Да не бидам погрешно сфатен, јас не сум против оние граѓани кои навистина биле нападнати и каснати од бездомни кучиња, тие треба да добијат обештетување. Но се сомневам дека постојат и граѓани кои сакаат да го злоупотребат законот за да дојдат до некоја сума на пари. Затоа е неопходно сите надлежни институции да воспостават добра соработка и координација за да се реши овој проблем“, додаде Коцевски.
Општина Велес е една од ретките општини во државата со организиран систем на третирање на бездомни кучиња. Тоа мотивира неодговорни лица и фирми во Велес да носат и истовараат бездомни кучиња. Но,СВР Велес не може да направи ништо додека не ги затекне на лице место.
На последната работна средба што Коцевски ја остварил со претставници на Основен суд, на МВР и со претставник од Пансион „Гиовски“ било заклучено да се воспостави подобра соработка и координација меѓу сите засегнати институции со цел да се реши овој долгогодишен проблем. Но, на средбата не дошле и во работниот дел не учествувале преставниците на ЈЗУ Општа болница Велес.
Убавка Јаневска