Општина Велес со препораки до велешани поради високи концентрации на загадување на воздухот

Објавено: 12 декември, 2025, во 16:13 часот

Воздухот во Велес повторно е загаден над дозволените граници. Според мерењата на станицата „Велес 2“, прагот за информирање за ПМ10 честички бил надминат на 10 и 11 декември, кога биле регистрирани вредности од 128,08 и 108,92 микрограми на метар кубен, што е значително над ограничувањето од 100. Овие резултати заедно со временската прогноза, укажуваат дека состојбата може да се задржи и во наредните денови.

Од Општина Велес соопштуваат дека граѓаните треба да бидат внимателни и да придонесат кон намалување на загадувањето, особено во период кога условите се неповолни. Велешани се охрабруваат да го користат јавниот превоз секогаш кога има можност, а доколку мора да користат автомобил, да избегнуваат непотребни возења и да се организираат повеќе лица да патуваат заедно.

Општината апелира и до домаќинствата да не палат отпадни материјали за затоплување, како прегорено масло, лакирани или обоени парчиња дрво, пластика, стиропор, ПЕТ амбалажа или гума, бидејќи овие материјали создаваат големи количества штетни честички. Препорачуваат да се користи исклучиво суво дрво, печките да се користат правилно и редовно да се чистат оџаците, бидејќи неправилното согорување значително го зголемува загадувањето.

Граѓаните се советуваат да ја избегнуваат долгата изложеност на отворено во раните утрински и доцните вечерни часови, кога загадувањето најчесто е највисоко, а сите активности на отворено се препорачува да се одложат додека не се подобри состојбата со квалитетот на воздухот.

Од Општина Велес дополнително потсетуваат на добрите практики за греење на дрва во домаќинствата и апелираат тие строго да се почитуваат, бидејќи секој поединец може да помогне во намалувањето на загадувањето, особено во периодите на стабилно и ладно време кога градот најчесто се соочува со вакви проблеми.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.