Општина Велес субвенционира набавка на велосипеди, сончеви колектори и инвертер клими

Општина Велес ќе ги субвенционира дел од трошоците на заинтересираните граѓани за набавка на велосипеди, сончеви колектори и инвертер клими. Субвенциите што општината ќе ги додели изнесуваат по 50 % од вредноста на велосипедот и сончевите колектори но не повеќе од 3.000 за велосипед по лице и 20.000 денари за колектор по лице. Додека за инвертер климите субвенцијата изнесува 30% од цената но не повеќе од 15.000 денари по лице.
До 5 август 2021 година, се поднесуваат барања за надоместување на дел од трошоците за набавените велосипеди, инвертер клими и сончеви колектори. Барањата се подигаат од архивата на Општина Велес или можат да се симнат од интернет страницата на општината : www.veles.gov.mk.
Документите што треба да се поднесат со барањето се фотокопија на важечка лична карта на барателот, со којашто се докажува дека е жител на Општина Велес, фотокопија од трансакциска сметка, доказ дека е извершено купување на велосипед, инвертер клима или сончев колектор и тоа фискална сметка или фактура со датум од денот на објавувањето на повикот за субвенционирање до завршувањето како и изјава дека барателот нема искористено право на поврат на средства за набавка на било кои од трите производи од било кој извор во Република Северна Македонија.
Едно физичко лице може да поднесе само едно барање, во затворен плик, за добивање на субвенција. Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Велес, на улица Панко Брашнар бр.1, секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот. На пликот треба да биде напишано „Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на физички лица за купување на велосипед, инвертер клима или сончев колектор“.
По барањата ќе одлучува комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на физички лица формирана од градоначалникот Аце Коцевски. Исплатата на барателите што ги исполниле условите согласно јавните повици ќе биде во рок од 30 дена од објавувањето на листата и по врачување на решение за одобрување на барањето. Персоналниот данок ќе го плати Општина Велес.
За поконкретни информации прочитајте на www.veles.gov.mk.
Стефани Манева
