Отворена сензорна соба во ООУ„Васил Главинов“ – чекор напред во осовременување и во градење на инклузивно образование во Велес
Во училница на третиот кат во ООУ„Васил Главинов“ во Велес е сместена Сензорна соба којашто треба да влијае благопријатно, стимулирачки и позитивно врз развојот на децата којшто се ученици со попречености. Таа е затемнета и има повеќе елементи, помагала, преку кои на еден или повеќе сетилни органи на учениците ќе им помага да дадат одговор кон надворешната средина. Во ова училиште годинава настава посетуваат 15 ученици со попречености како што е нарушениот аутистичен спектар.
Нивниот број, од година во година, расте за што во училиштата се грижат специјален едукатори и рехабилитатори. Една од вкупно двете едукаторки и рехабилитаторки во училиштето е Сања Ѓоргиевска.
-За собата мечтаевме со години исто како и сите родители на деца кои имаат потреба поради потешкотии а се вклучени во редовниот образовен процес во нашето училиште. Сензорната соба е чекор напред во осовременување и во градење на инклузивно образование коешто треба да го има секое училиште во секоја општина. Нашето училиште бележи зголемување на бројот на ученици со попречености. Годинава имаме 15 ученици со соодветен наод и мислење од соодветна медицинска институција. Тие посетуваат редовно логопедски и дефектолошки третмани заедно со секојдневна образовна асистенција од страна на образовни асистенти. Многу ќе ни ја олесни работата оваа Сензорна соба. На повеќе начини ќе можеме да го стимулираме детето за да може да даде повратен одговор а со тоа да се зголеми вниманието на часовите како и концентрацијата, да се обезбеди развој на фината моторика особено значајна за правилно држење на моливот, пишување додека големиот број на реквизити ќе го помагаат развојот на крупната моторика, правилното држење на телото, одењето и слично,рече Ѓоргиевска.
Учениците со сензорната соба добија можност за стекнување на вештини што во иднина ќе им овозможат поголеми академски знаења и социјални вештини.
-Како познато и едно од водечките училишта во Велес и во регионот ние овозможуваме олеснување на работата на дефектолозите и на наставниците како и во делот на престојот на учениците коишто се најранлива категорија во општеството, рече директорот Сашко Чоков.
Сензорната соба е втор хуман проект на Евангелска црква во Велес по прво отворената во ПОУ„Маца Овчарова“. Пастор Филип Иванов вели дека иако од наредната година секоја образовна институција според закон ќе мора да има Сензорна соба црквата ќе продолжи да помага.
-Сензорната соба за деца со аутизам и атипичен развој е од клучна важност за работата на дефектолозите во училиштето за да имаат со што да работат. Важноста на овој простор ќе го споредам на пример со ресторанот во кој има кујна. Колкав и да е бројот на деца на кои им се потребни овие предмети што се во собата тие се од особено значење за нив без разлика што можеби ние на нив гледаме како на играчки во игротека. Но тие за нивната сензорна стимулација и за нивниот развој се многу значајни како и за инклузијата во општината и во општеството, додаде пастор Иванов.
Според градоначалникот Марко Колев, Велес е град кои предничи во решавање на проблемите на децата со попречености во државата.
-Тоа е еден од врвните приоритети на политиката на општината а како што следам и на министерствата за образование и за труд и социјална политика. Денеска ја предадовме во употреба сензорната соба во ова училиште откако во изминатите години во него најмногу се вложуваше поради тоа што е најголем бројот на деца со попречености. Се реконструираа тоалетите, се изгради пристапна рампа, се постави лифт. Во меѓу време со помош на УНДП и Швајцарската агенција се нивелираа тротоарите на главната улица во Велес. Уште неколку други проекти се реализираа во гимназијата и ССОУ„Димитрија Чуповски“ . И во наредните години Велес ќе даде силен акцент на потребите на оваа категорија на деца затоа што имаме и законска обврска во 2022/23 година да обезбедиме Сензорна соба во сите основни училишта, додаде Колев.
Тој упати апел до политичарите да обрнат поголемо внимание кон подобрување на условите за образование и за живот на оваа категорија на граѓани.
Убавка Јаневска