Петдетното семејство Постолови од Свети Николе доби донација од македонски исселеници во Швајцарија
Солзи радосници имаше на лицето на триесет и четири годишната Гордана Постолова кога во Свети Николе на влезната порта од нејзиниот дом се појави донатор. Трајче Папазовски, исселеник во Швајцарија, на Гордана и подари правосмукалка и 100 евра додека таа и нејзините четири, од вкупно пет деца, со неверување гледаа во него.
Гордана сама избра помеѓу понудените машина за перење алишта, телевизор или друг вид на електричен апарат за домаќинството, да и биде купена правосмукалка. Неа и требаа и пари, како што рече, затоа што нејзиниот сопруг Драган осумаесет месеци не бил повикан на работа од страна на кинеската фирма што го градела патот Штип – Кочани.
-Преживеавме од социјалната помош од државата и од помошта на моите свекрва, свекор и девер. Знаете колку финансиски средства се добиваат од државата. Свекорот и свекрвата помагаа за да имаме доволно храна. Деверот ги плаќаше комуналните сметки. Им благодарам и на газдите на маалската продавница од каде можев да земам најпотребни прехрамбени производи за да сепрехраниме па штом стигне социјалното да си платам. Фала на Бога што Драган од почетокот на месецов се врати на работа. Сега ќе се разборчиме и кај деверот. Многу е тешко да се прехранат пет детски усти, рече Постолова.
Таа пред донаторот Папазовски искажа потреба и од детска облека, обувки и од еден компјутер бидејќи три од децата дванаесет годишниот Дамјан, две години помладиот Матеј и седум годишната Мила сега делат еден ИТ уред. Три годишниот Ведран не оди во градинка поради Ковид-19 за да може неговата мајка да ја прифати понудената работа во компанија во кумановската индустриска зона.
-Ви ветувам дека ќе сториме напор со мојот пријател Ердован Етовски за што поскоро да ги добиете од Швајцарија потребните облека, обувки и компјутер. Се надевам дека барем малку успеавме да ви помогнеме. Имате прекрасни деца, да се живи и здрави, сите да имате по хумани услови за живот. Се надевам дека долго ќе ја користите правосмукалката и дека симболичната парична помош ќе ја искористите за храна што ви е неопходна, рече Папазовски.
Додека во дворот беа неговите браќа и сестрата Дамјан беше на онлајн настава. Сега негова фотографија ќе чекаат двајцата македонски иселеници во Швајцарија за да обезбедат и за него облека и обувки. Етовски и Папазовски донација обезбедија и за уште едно многудетно семејство што живее во светиниколско село. И тоа ќе добие електрични уреди со парична помош во висина од 200 евра. Овој пат семејствата ги избраa Меѓународен Славјански Универзитет и Радио С од Свети Николе каде што долги години живееше и работеше таткото на Трајче Папазовски.
Убавка Јаневска