Пластеник во дворот на ООУ „Петре Поп Арсов“ во Извор – нова алатка за учење и развој кај децата

Објавено на 13 октомври, 2025 во 14:24

Учениците од Основното општинско училиште „Петре Поп Арсов“ во селото Извор отсега ќе имаат можност да учат преку практика, благодарение на новоизградениот пластеник во училишниот двор.

Со должина од 7 и ширина од 5 метри, опремен со систем за наводнување „капка по капка“, пластеникот претставува дел од проектот „Руралните убавини во Чашка“, финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот се спроведува од страна на Организација на жените – Општина Велес, со цел поттикнување на одржлив развој во руралните средини.

Пластеникот ќе се користи како практична лабораторија за научно-образовни активности по предметите природни науки, биологија и општество. Покрај тоа, истиот ќе овозможи и нови воннаставни активности што ќе го збогатат секојдневието на децата во ова рурално подрачје.

-Создадовме простор каде децата не само што ќе учат, туку и ќе развиваат љубов кон природата и трудот. Веруваме дека ваквите активности го зајакнуваат чувството на заедништво и грижа за животната средина, – изјави Мирјана Трајкова од Организација на жените – Општина Велес.

Проектот „Руралните убавини во Чашка“ се реализира и во селото Горно Врановци, во соработка со ООУ „Лирија“, каде веќе се спроведени активности за хортикултурно уредување на училишните дворови, садење повеќегодишни садници и селекција на отпад.

Според организаторите, повеќегодишните растенија внесоа свежина во дворовите, а кај учениците предизвикаа насмевки и големо воодушевување.

Проектот е дел од Програмата за инвестирање во животна средина за 2025 година и има за цел да создаде долгорочни едукативни и еколошки бенефити за децата и заедниците во руралните подрачја на Општина Чашка.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.