По околу 700 граѓани дневно се ревакцинираат во Велес
Во просек по 100 граѓани дневно ја примаат вакцината „Синовак“ на двата вакцинални пунктови во здравствениот дом во Велес. Тие доаѓаат доброволно и се вакцинираат. Денеска имаше проблем со ситемот и на двата вакцинални пунктови, потешко се реализираше процесот на имунизација. Во холот пред вакциналните пунктови граѓаните трпеливо седеа и чекаа да стигнат на ред.
-Граѓаните коишто се во холот, денеска примаат прва доза од кинеската вакцина „Синовак“. Всушност тие сами иницијативно доаѓаат и се вакцинираат. На двата вакцинални пунктови дневно вакцинираме во просек по 100 граѓани како од Велес така и од соседните општини што ни говори дека заинтересираноста е голема. Затоа наместо до 13:30 часот ние остануваме и подоцна, рече Д-р Билјана Петкова од Службата за имунизација на Здравствен дом Велес.
Шест пати е поголем бројот на граѓани коишто денеска примија втора доза на вакцините „Синовак“ и „Фајзер“ на пунктот за масовна вакцинација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“. Таму до 15:30 часот треба да се вакцинираат вкупно 600 граѓани. Според Д-р Пандели Божиков мали проблеми им создаде паѓањето на системот.
-Се создаде мала нервоза иако граѓаните го почитуваат закажаниот термин и доаѓаат да се ревакцинираат, но успеваме да се снајдеме и да не се создаде метеж. Денеска до 15:30 часот ќе успееме да ги вакцинираме вкупно евидентираните 600 граѓани со втора доза на „Синовак“ и „Фајзер“, додаде Д-р Божиков.
На пунктовите деновиве се очекува да стигне и количина на вакцината „АстраЗенека“ што ќе биде потребна за ревакцинација на граѓани кои ја имаат примено првата доза од овој вид на вакцина.
Стефани Манева