По седми пат Ротари „Клуб Бели Мугри“ празнично израдува 23 деца од семејства во социјален ризик, невработени и самохрани мајки (ФОТО)
Во „Куќата на Дедо Мраз“ сите 23 деца денеска ги пречека Веселиот Дедо Мраз. Во неговата прегратка сите со внимание ги слушаа зборовите за среќна Нова 2022 година кои завршуваа со препорака да бидат здрави, живи, умни и весели а во исто време да им се остварат сите желби што ги имаат. А дел од нив, детски, искрено му се радуваа и веруваа дека токму за нив дошол од Лапонија и им донел новогодишни подароци. Некој и тивко, на уво, му ги соопштуваа своите желби за нова облека или за играчките по кои чезнеат да ги добијат.
Штом завршуваше нивниот разговор членовите на Ротари клуб „Бели Мугри“ ги даруваа со новогодишни пакетчиња и играчки. Потоа светнуваше блицот на фотографскиот апарат на сликарот од „МС“ студио за да се овековечи во траен спомен средбата со најпосакуваниот дедо меѓу децата. Секое дете ја добиваше сопствената фотографија со Дедо Мраз.
Вака годинава, по седми пат, ја организираа хуманитарната акција членовите на Ротари „Клуб Бели Мугри“ во партнерство со Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес. Поради пандемијата со коронавирус забавата во игротека, годинава, беше заменета со фотографирање со Дедо Мраз.
-Ова е наш традиционален настан. Годинава го организиравме по седми пат. Сакавме по повод новогодишните и божикни празници да ги израдуваме дечињата исто какошто сите се радуваме. Сите да имаме подеднаква радост и тоа да го споделиме. Чувството да се дружиме со дечињата не може да се опише. Затоа сме одлучни и кога некому е најтешко да споделуваме радост и среќа за сите да почувствуваме дека сме дел од празничната атмосвера. Гледајќи што се се случуваше во прегратката на Дедо Мраз и какви изблици на чувства имаше, од широко отворени очиња до искрени одговори за неостварени соништа, тоа дава поттик ширум да ги отвориме срцата полни со љубов за секого во нашиот Велес, рече Трајан Николов од Ротари „Клуб Бели Мугри“.
И додека Николов зборуваше веселите деца веднаш ги отвораа новогодишните ќесиња. Се броеја чоколадите во нив и во скоро исто време се отвораа подароците составени од играчки како автомобили, џипови, авиони, кукли, ноќни ламби, ранци и слично.
Убавка Јаневска