Поправката на делот на патот од Велес кон населба Речани ќе чека до месец март, годинава (фото и аудио)
Пред почетокот на градежната сезона не може да се поправи делот од регионалниот пат Велес – населба Речани. Санирањето на одронот на коловозот на патот, на свиокот помеѓу бензиската пумпа на Макпетрол и железничката пруга Велес –Штип, влегол во Инвестиционата програмата на Јавно претпријатие за државни патишта за 2022 година. По излезените работни тимови на двете јавни претпријатија „Македонија пат“ и за државни патишта, на лице место, како и на надзорот, направениот записник и констатираната состојба сепак ќе мора да се чека да стартува почетокот на градежната сезона. Вака одговори новиот директор на ЈП Македонија пат, Костадин Ацевски на новинарските прашања на Дума.мк.
-Со отпочнувањето на градежната сезона од ваков вид, бидејќи потребно е бетонирање, изградба на потпорни ѕидови и други видови на санации, овој пат ќе влезе во Инвестиционата програма и ќе се пристапи на негова санација. Поконкретно мислам на средина на месец март. Но се зависи од временските услови. Сега ЈП Македонија пат е во услови на зимско одржување на патиштата од страна на зимската служба и расчистување на снегот. Поконкретно сме во втора фаза на зимската служба и обезбедување на патиштата во зимски услови како што се одржување на коловозите при ниски температури со што работните задачи не дозволуваат започнување со работа од друг вид, додаде Ацевски.
Според директорот на ЈП„ Македонија пат“ зимскиот период се совпаѓал со рокот во којшто ќе биде донесена Инвестициската програма на ЈП за државни патишта за годинава во чии рамки се планираат и активностите за одржување на регионални и магистрални патишта на ЈП „Македонија пат“. Со тоа ќе се исполнеле законските предуслови за да може да се пристапи кон поправка поточно изградба на потпорни ѕидови на овој дел од патот во Велес.
Засега, на местото на одронетиот пат од Велес кон населба Речани не се забележуваат дополнителни проблеми. Столпчињата кои покажуваат дека на патот не треба да се користи една сообраќајна лента сеуште стојат на половина од коловозот. Тие се наоѓаат на самиот свиок пред железничката пруга Велес – Штип. Нема дополнителни одронувања на делот на коловозот од страната на пругата но тоа не значи дека е безбеден за сообраќај и за пешаци.
Особено треба да се внимава при разминувањето на возилата коишто сообраќаат од Велес кон населба Речани и во обратен правец. Предноста на возачите е во тоа што досега не падна снег. Доколку снегот го прекриеше асвалтот угорнината од страна на населбата Речани и удолницата од страна на бензиската пумпа на „Макпетрол“ е подложна на подмрзнување. Тоа дополнително ќе создадеше проблеми како за жителите на населба Речани така и за корисниците на хотелот но и за учесниците во сообраќајот. Особено за возачите на товарни возила кои патот го користат за да стигнат до производствените капацитети во индустриската зона „Речани“.
Убавка Јаневска