Поранешен градоначалник на Неготино и општински службеници осомничени за „злоупотреба на службена положба и овластување“
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против четири лица од кои првопријавениот е градоначалник на општина Неготино, В.А (59), додека тројца се вработени во општинската администрација З.Л.(41), Ѓ.Т.(37) и И.З.(40). Кривичната пријава е поднесена поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од Кривичниот законик
Во својство на тогашен градоначалник на општина Неготино, В.А, како и тројцата вработени општински службеници З.Л, како претседател додека Ѓ.Т и ИЗ како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во 2014 година, без да обезбедат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за набавки за работи за рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општина Неготино.
Кривичната пријава исто така се однесува и на критериумите во објавениот оглас, во кој што, од една фаворизирале даватели на услуги додека од друга страна ја ограничувале конкуренцијата.
Осомничените го објавиле огласот без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува.
„ На овој начин, тројцата, спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле Извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи. Првопријавениот В.А., во својство на тогашен градоначалник на Општина Неготино, кривичното дело го сторил со неизвршување на својата службена должност, иако бил должен да донесе посебна Одлука за изработка на основен Проект, врз основа на кој ќе се распише набавка за изведба. В.А иако имал обврска да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, тој со кршење на одредбите од Законот донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014 склучил Договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино. Вкупна вредност на договорот изнесува 21.237.740,48 денари или 345.330 евра,“ пишува во соопштението за јавност.
Кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ според член 353 став 5 од Кривичниот законик, се однесува на овозможување на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист и пропишува казна затвор од најмалку 5 години.
Убавка Јаневска