Повреден велешанец утрово во сообраќајка на „Раштански пат“ во Велес
Дваесет и четири годишен велешанец е повреден утрово во сообраќајна незгода што се случи на патот помеѓу компаниите „Брако“ и „Киро Ќучук“. Повредениот се здобил со повреди на врат и горен дел на грбот. На лице место интервенирала екипа на Итна медицинска помош која повредениот го пронашла во возилото што го управувал кое се наоѓало во банкината на улицата од страната на оградата на Касарната на АРМ во Велес.
-Повикот за интервенција во Итна помош пристигна околу 7 часот. Медицинската екипа на местото на несреќата беше во 7:08 часот. На повредениот му беше укажана здравствена,прва помош и со возило на Брза помош го транспортиравме на Ургентен хирушки центар ЈЗУ Општа болница Велес, рече д-р Јадранка Мишкова.
Додека траел транспортот до велешка болница, повредениот, на медицинската екипа и рекол дека на асфалтот на улицата како и на тревата на банкината утринава имало мраз од кој неговото возило се излизгало.
Според портпаролката на ЈЗУ Општа болница Велес, д-р Елена Левкова Ќулумова пациентот во моментов се наоѓа на рендгенски снимања коишто по прегледите ги назначиле лекарите хирурзи и ортопеди на Хирушко одделение.
-Штом стигнат резултатите и ги разгледаат лекарите за да се утврдат здобиените повреди на пациентот како и за неговата здравствена состојба ќе известиме во текот на денот, додаде д-р Левкова Ќулумова.
Според граѓани на Велес, кои вчеравечер, управувале моторни возила голомразица имало и на останатите улици на градот.
Убавка Јаневска