Повторно затрупан со смет подземен контејнер, ЈКП „Дервен“ со апел до граѓаните
Кеси со расфрлан отпад, картонски кутии и габаритен отпад се честа глетка околу подземни контејнери во центарот на Велес. Граѓаните секојдневно го исфрлаат отпадот од домаќинствата и ги полнат до врв подземните контејнери но исто така, знаат и да го остават отпадот околу контејнерот иако тој е полупразен. Количините на одложен смет секојдневно се собираат од комуналните работници но глетката не се променува.
До Дума.мк често пристигнуваат фотографии на коишто се прикажува подземен контејнер со огромни количини на смет околу него. Дел од граѓаните фотографиите најчесто ги снимаат помеѓу 19:00 и 21:00 часот. Тоа најверојатно е термин кога се исфрлаат најголеми количини на смет од домовите. Со оваа претпоставка се сложуваат и од ЈКП „Дервен“ и затоа уште еднаш информираат дека дека за разлика од летниот во зимскиот период има поместување од еден час понапред на распоредот за собирање на сметот од домаќинствата. Тоа конкретно значи дека граѓаните пред сопствените домови отпадот треба да го изнесуваат 15 минути пред 19:00 часот за да можат комуналните работници да го соберат додека минуваат со трактори и камиони.
„Би сакале да ги информираме граѓаните дека во текот на зимските месеци сметот се собира од 19.00 часот наместо од 20.00 часот, па ги замолуваме сметот од домаќинствата да го изнесуваат пред 19.00 часот за да не се случи камионот да помине а сметот да се изнесе подоцна и да остане несобран“, апелираат од ЈКП „Дервен“.
Од таму исто така ја потенцираат опасноста од потпалување на вреќите во подземните контејнери што беше честа појава претходната зима.
„Минатата зима поради ненаменско користење на садовите за одлагање на комунален смет неколку пати се случи да се запалат вреќите од подземните контејнери, а со години наназад сме сведоци на запалени контејнери и корпи за отпадоци. Апелираме до граѓаните да не фрлаат пепел со жар од огништата во контејнерите за комунален смет за да се спречат ваквите несакани појави“, стои во соопштението на ЈКП „Дервен“.
Комуналното претпријатие исто така, апелира до граѓаните наместо да изнесуваат габаритен отпад од домовите и да го оставаат покрај контејнерите да се јават на телефонскиот број 043/233-768 и да закажат термин во којшто вработени на јавното претпријатие ќе дојдат и овој вид отпад ќе го соберат.
Убавка Јаневска