Прегреал дел од локомотивата на патничкиот воз што наместо во Скопје, вчера, застана на станицата „Рајко“
Објавено: 30 јуни, 2022, во 17:36 часот
Македонското железничарско претпријатие информираше за причината на дефектот што вчера се појави на локомотивата на патничкиот воз кој сообраќа на релација Скопје – Велес – Скопје, со поаѓање во 12:10 часот од Велес. Во одговорот на новинарските прашања на Дума.мк од Железници – транспорт потврдија дека се појавуваат потешкоти во одредени исклучителни случаи при појавување на моментални дефекти додека локомотивите се по пат.
„Конкретно, за предметната локомотива, извршен е дневен преглед пред вклучување во сообраќај. Локомотивата го изврши патувањето од Скопје до Велес без појава на дефект. При извршувањето на возењето од Велес кон Скопје, поради високите температури и намалената брзина поради условите на пругата, се појавило прегревање на еден од виталните делови на локомотивата и не можела да го продолжи патувањето,“ пишуваат од ЖРСМ.
Патници кои патуваа со патничкиот воз, вчера, и дојавија на редакцијата на Дума.мк дека наместо до крајната дестинација се возеле само половина час и стигнале до железничката станица „Рајко“ каде останале три часа се додека не стигнала друга локомотива. Тие се жалеа дека чекале на отворено, на жешкото време и високите температури.
Како што дознава Дума.мк минатата и оваа година енормно е опаднат бројот на патници кои патуваат со месечни возни билети и ги користат услугите на јавното железничарско претпријатие. Овој месец само седум патници извадиле месечен билет за патување со воз на релација Велес – Скопје – Велес за разлика од минатата година кога биле пет. Цената на месечниот билет за работници на релација Велес – Скопје и обратно, изнесува 2340 денари.

Убавка Јаневска



