Приведен Кавадарчанец кој пијан возел автомобил, удрил во бандера на неготинска улица и избегал
Објавено: 4 декември, 2025, во 11:25 часот
Инцидентот се случил вчера вечер, околу 20:45 часот во Неготино каде кавадарчанецот Ѓ.А управувал автомобил под дејство на алкохол, удрил во улична бандера и избегал од местото на сообраќајната незгода.
„На 03.12.2025 година, во 21:15 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода Ѓ.А.(35) од Кавадарци. Претходно, околу 20:45 часот на улица „Првомајска“ во Неготино, тој со патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски ознаки, удрил во бандера, по што го напуштил местото. По преземени мерки, тој бил пронајден и по извршено алкотестирање е констатирано дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,83 промили алкохол во крвта. Ѓ.А. е задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило,“ соопшти Сектор за внатрешни работи Велес.
Убавка Јаневска


