Продадени 45 ликовни изработки на децата од градинка „Димче Мирчев“ во Велес на тивка аукција (ФОТО)
45 ликовни дела од децата на ОУЈДГ „Димче Мирчев“ се продадоа вчера вечер за вкупна сума од 13.400 денари на Тивка аукција на детски цртежи „Инклузивна уметност со радост“. Шеесет и двете детските изработки беа создадени на работилница што беше организирана во сите објекти на велешката градинка на 3 Декември, Светски ден на лица со попреченост.
На настанот присуствуваа граѓани на Велес кои по пат на лицитирање ги купија детските изработки. Една се продаде за 1.500 денари додека неколку други и за 1.000 или 500 денари. Седумнаесет детски цртежи, коишто не беа продадени, граѓаните ќе можат да ги видат на фејсбук профилот на ОУЈДГ „Димче Мирчев“ и да ги купат доколку сакаат токму тие да ги разубавуваат нивните домови, можеби детските соби во нив или службените простории на фирмите.
Тивка аукција беше хуманитарен настан организиран од ОУЈДГ „Димче Мирчев“ во соработка со Здружението „Сончогледи кон сонцето“.
Директорките на велешката градинка Маја Велиновска и на социјалното претпријатие „Смартер Гаја“, Ирена Лозана ја истакнаа целта на настанот, поточно преку организирање на ваков вид на настани, зголемената свест за инклузивност меѓу граѓаните и општеството.
-Задоволни сме како тим, како работен колектив со сите вработени што покажавме дека можеме да бидеме хумани и хуманоста да им ја пренесуваме на децата уште од мали нозе. Благодарност до сите граѓани кои откупија или ќе купат детска изработка, рече Велиновска.
-Не е пресудна сумата на финансиски средства што се собра од овој прв ваков настан во вашиот град колку што ни значи вклучувањето на луѓе со големо срце во тивката аукција. Им благодарам што вечерва дојдоа и што сакајќи да помогнат купуваа детски изработки, додаде Лозана.
Детската градинка „Димче Мирчев“ е локална институција којашто многу често ја чувствува хуманоста на свои сограѓани како донатори или помагатели. Донациите коишто се наменети за подобрување на условите за престој на децата се само една од повеќето причини и тие да покажат дека можат да бидат хумани. Затоа сите собрани средства од тивката аукција на донаторската сметка на Здружението „Сончогледи кон сонцето“ ќе бидат наменети хуманитарна помош на оние на кои најмногу им е потребна.
Медиумски покровител на тивката аукција беше Дума.мк која реализираше пренос во живо на настанот на сопствениот YuTube канал и преку фан страницата на Фејсбук.
Убавка Јаневска