Прва Детска атлетска трка „Растеме Заедно 2024“ во Чашка
Вкупно 60 ученици од второ до деветто одделени на трите основни училишта, ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка и подрачното во село Мелница како и учениците од ООУ „Лирија“ од Горно Јаболчиште, учествуваа во атлетските трки на 100 метри, на 200 метри, на 300 метри и на 400 метри. Младите атлетичари трчаа на стадионот во населба Чашка пред многубројна публика од нивни врсници и наставници. Атлетскиот клуб „Велес“ од Велес, организатор на трката, на најдобрите атлетичари кои освоија прво,второ и трето место им врачи пофалници.
Да се поттикнат децата, уште од најмлада возраст да спортуваат, поточно да трчаат и да ја засакаат атлетиката е целта на организаторот на овој прв од ваков вид спортски настан во Општина Чашка.
– Да бидат на едно место, сите ученици од три училишта во мултиетничката општина Чашка, подобро да се запознаат едни со други, да другаруваат преку спортот и да ја изберат атлетиката како спортска дисциплина. Тоа беше нашата цел се разбира под добро познатото мото „ Во здраво тело здрав дух“. Спортот помага за полесно совладување на училишното градиво. Затоа ги изнесовме учениците од училниците и два часа тие трчаа на тревата од фудбалското игралиште. Во овие два часа поминати на спортски терен тие немаа контакт со телефоните и со компјутерите. Наместо со технологијата тие меѓусебно другаруваа, рече атлетичарот Роберто Димитревски од АК „Велес“.
Прва Детска атлетска трка „Растеме Заедно 2024“ во Чашка ја поддржаа Советот на општината, Градоначалникот Горан Стојановски и неколку фирми чии спонзорства овозможија секое дете учесник да добие маичка за натпреварување како и пакетче со слатки производи од „Агро Ели“, чии директорки денеска дојдоа и дадоа поддршка на тркатата.
Според изјавите на директорите Бојан Ѓорѓиов на ООУ „Тодор Јанев“ и на „Лирија“ Јусуф Ахмедов, кои добија благодарници од организаторот на спортскиот настан, атлетската трка има да прерасне во традиционална со зголемување на бројот на ученици. И за оваа трка децата покажаа неверојатно голем интерес па училиштата мораа да ги селектираат.
Убавка Јаневска