Работничките на „Олив пак“ добија К-15, Државен трудов инспекторат влезе во фирмата
Инспектори на Државен инспекторат за труд, вчера, влегле во компанијата „Олив пак“ во Велес и во канцелариите во Кочани. Инспекторите го започнале надзорот. Сопственикот Ивица Ангелов им ги ставил на располагање сите документи кои биле поврзани со исплатата на плата на работничките од месец септември до месец декември 2021 година како и за исплатата на регресот за годишен одмор. Тој на работничките вчера им исплатил полн износ на К-15 за минатата година, соопшти директорката на Државен трудов инспекторат Јована Тренчевска.
-Надзорот е започнат. По добиените првични документи за утврдување на фактичката состојба ќе работи тим од инспектори, освен тројцата што беа во Велес и во Кочани, на Државен инспекторат за труд. Земени се сите засега потребни документи и најавено е дека доколку за утврдување на фактичката состојба се појави потреба од дополнителни, за нив повторно ќе влеземе како во седиштето на фирмата во Кочани така и во производствениот погон во Велес. Постапката ќе трае неколку дена по што ќе се подготви Записник, додаде Тренчевска.
Трудовите инспектори во фирмата „Олив пак“ влегле ден откако работничките застанаа пред влезната капија на производствениот погон кај велешко Башино Село и одбија да работат. Тие тоа го сторија поради неисплатениот регрес за годишен одмор за минатата година. Тогаш работничките на новинарите им раскажаа како наместо цел, во 2020 година, добиле само половина од вкупниот износ за К-15. Дел од нив се жалеа дека не добивале ниту минимален износ на плата иако работеле со полно работно време и за време на државни и верски празници. Според нивните изјави не чукале картички за влез и излез од погонот и дека повеќе пати барале помош од трудовите инспектори во Велес.
Работничките говореа и за тоа како гледале инспектори кои од нивната фирма излегувале со кесиња со маслинки но, не кога биле повикани од нивна страна.
Директорот Ивица Ангелов завчера на обвинувањата на работничките, за неисплатениот К-15 ,за Дума.мк, негираше дека нема да ја исполни обврската за исплата на регресот. Тогаш соопшти дека проблемот бил во тоа што немало доволно средства на жиро сметката за исплата на целиот износ и додаде дека лон системот на работа што се спроведувал преку полнење и препакувањето на маслинките бил главната причина. Затоа што се чекале наплатите на фактурите од извозот во соседна Грција за да се исплати плата и К-15. Исто така, Ангелов ги негираше обвинувањата на работничките дека немаат потпишано договори за работа и дека дел земале плата пониска од минимално загарантираниот износ, биле заклучувани во погонот во Велес и не чукале картички при влез во фирмата.
Убавка Јаневска