Работниците на велешка „Колска“ до петок очекуваат декемвриска плата и К-15 во спротивно најавија блокада на железничкиот превоз во понеделник (фото и видео)
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250206_091505-1024x768.jpg)
Стари проблеми и со нова Влада и нов управител на фабриката за шински возила „Колска“ во Велес. Преполовениот број на моментално вработени повторно е без плата, здравствено и пензиско осигурување. Педесеттината работници, утрово, пред влезната капија на фабриката застанаа за да побараат декемвриска плата, платени придонеси и регрес за годишен одмор за двете изминати години коишто законски им следува но никако да го добијат. Претседателот на синдикалната организација Тони Арсовски рече дека работниците приморани се да прогласат штрајк.
Штрајкот на вработените во „Колска“ го поддржа Сојуз на синдикати на Македонија. Претседателот Слободан Трендафилов беше со работниците пред кои изјави дека недозволиво е распродавање на фабриката без почитување на основните работнички права и законите во државата. Исто така го повика министерот за транспорт Николоски да дојде во фабриката и да ги слушне работничките проблеми и барања.
Додека работниците, утрово, стоеја пред влезната врата на фабриката на работа дојде и управникот Стефан Амбарков. Тој не застана да го слушне нивниот револт. Несакаше да ги слушне и одговори на прашањата на Дума.мк.
Дума.мк го прашаше дали постои причина што не се поместуваат работите на подобро во „Колска“ по примерот на позитивното поместување на работите во „Македонски железници“ од каде работниците добиваат работа, поточно вагони и локомотиви за репарација и поправка.
Работниците на „Колска“ до петок ќе бидат на своите работни места, поточно во ладните фабрички погони, во кои нема греење и репроматеријали за работа. Ако не добијат декемвриска плата и барем регрес за годишен одмор за 2024 со конкретен договор за јануарската плата и регресот за 2023 година тие во понеделник штрајкот ќе го преселат на Железничка станица Велес.
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)