Реакција на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“: МОН продолжува со сегрегација на учениците во училиштето, крати македонска на сметка на паралелка на албански јазик
Министерството за образование, единствено по етничка основа и без никаква реална потреба и спротивно на анализите на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ од Велес за реалните потреби и доставениот Предлог план за упис на ученици во прва година во учебната 2024/25 година, предлага укинување на една паралелка на наставен македонски јазик со што директно го ускратува правото на учениците деветтоодделенци за образование на македонски јазик. Предлогот доаѓа со цел да продолжи минатогодишното кршење на наставниот процес исклучиво по етничка основа, за политички цели од политички фактори од албанска националност, пишува во реакцијата на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ којашто денеска е доставена до медиумите. Реакцијата следи откако пред шест дена беше објавен Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/25 година, во којшто Министерот Јетон Шаќири, како потписник, предлага отворање на втора албанска паралелка за сметка на укината македонска, иако податоците на велешката Гимназија говорат дека нема реална потреба за тоа.
„Во Гимназијата последователно во претходните учебни години се пријавуваат од 25-30 ученици за настава на албански наставен јазик, од кои критериумите за упис во прва година (60 поени) ги исполнуваат од 12-22 ученици. Во учебна 2020/21 се запишале 22 ученика, 2021/22 – 15 ученика, 2022/23 – 17 ученика, додека пак во учебната 2023/24 година се запишале 31 ученик од кои само 20 го исполнуваа условот од 60 поени, а останатите се запишаа по указ на Министерот со што се нанесе неправда кон учениците деветтооделенци кои наставата ја завршија на македонски наставен јазик, конкурираа но им беше ускратено правото на упис со помалку од 60 поени,“ пишува во соопштението.
Професорите и директорот на велешката гимназија сметаат дека наведената статистика јасно говори дека нема потреба од втора албанска паралелка, уште помалку од директна интервенција од страна на Министерот Шаќири за спуштање на критериумите единствено по етничка основа. Тие откриваат дека „токму овие ученици во текот на годината постигнуваат слаби резултати со евидентирани негативни оцени, поточно 11 ученици, наспроти другите 20 од албанската паралека, „со што тенденциозно се прави удар и врз реномето на најстарата Гимназија во Македонија која се наоѓа на врвот на образовните институции во земјата“.
„Гимназија Кочо Рацин“ од Велес има вековна педагошка и културно – просветителска традиција во градот, постојано вложувајќи се во младите за градење на напредни генерации. Во таа насока, во доставениот Предлог план од наша страна за прв пат е предвидена една билигвална паралелка која ќе биде поле за натпревар на најдобрите, без разлика на кој наставен јазик, македонски или албански, ја следеле наставата во основното образование. Следствено на ова, сметаме дека во објавениот Конкурс е нанесена неправда и е неприфатливо решение, поради што Наставничкиот совет на Гимназијата донесе Одлука за исправка и усогласување на Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/25 година во РС Македонија и усогласување со Предлог план за упис на ученици во учебната 2024/25 во прва година до МОН преку Градоначалник на Општина Велес, односно во прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес да се запишат 204 ученици во 6 паралелки,“ пишува во соопштението на гимназијата.
Поконкретно, станува збор за предлог за четири паралелки со изведување на настава на македонски јазик за 136 ученици со минимум 60 поени, една билингвална (македонско – англиска) паралелка за 34 ученици со минимум 60 поени, една паралелка со изведување на настава на јазикот на заедницата – албански јазик за 34 ученика со минимум 60 поени.
Од училиштето додаваат дека со цел заштита на интересите на учениците, наставниците и велешката јавност, Гимназијата веќе се обратила писмено до МОН по ова прашање и искрено се надеваат дека ќе преовлада разумот наспроти верска, национална или етничка припадност. Со меѓусебно разбирање и усогласување согласно реалните потреби директно ќе влијаеме на образување и воспитување ученици, идни млади поколенија кои ќе ја развиваат државата во духот на заедништвото и еднакви можности за сите.
Дума.мк испрати прашање до ресорното министерството во кое побара став за предлогот на ова средно училиште којшто ќе го објави штом пристигне во редакцијата.
Убавка Јаневска