Опадна интересот, ама падна и цената на росоманската праска!
Праските од Србија и Молдавија направија проблем за македонската праска. Веќе неколку дена среде најголемиот интензитет на берба падна и цената и откупот. Откупните пунктови во Росоман работат со половина капацитет. Овоштарите не сакаат својот, како што велат, квалитетен род да го продадат за 18 или 20 денари.
Очекуваат да се врати цената од пред неколку дена, кога килограм праска се откупуваше и по цена од над 30 денари.
Од почетокот на берба до сега од најголемиот регион за производство на праска, црноречкиот, извезени се над 3 милиони килограми. Најголем дел од овогодишниот род замина за Русија, Полска, Украина и Белорусија. Значителна количина годинава беше извезена и во земјите од поранешна Југославија.
Откупувачите објаснуваат дека бесцаринскиот увоз што го имаат Србија и Молдавија на пазарот во Русија е главната причина за ова новонастаната состојба со откупот. Велат дека за да се увезе наша праска се плаќа царина.
Во моментов во полн ек е бербата на најзастапената сорта Гло хевен од праските и Фантазија од нектарините.
„ 20 денари не е цена со која можеме да ги покриеме трошоците. Се израдуваваме на почетокот мислејќи дека ќе имаме убава година кога е во прашање цената, оти имаме извонреден квалитет, ама еве пак се случи во тек на берба цената да опадне до 18 денари. Мислам дека од сегашната не чека и полоша ситуација. Можно е цената и понатаму да паѓа„ ни рече овоштар кој дојде на откупен пункт да праша за цената на праската.
Килограм праска на пазарот во Кавадарци се продава и по уште пониска цена. Зависно од квалитетот, цената се движи од 10 до 20 денари. Се поставува прашањето, ќе се повтори ли минатото, кога во Росоман една гајба праски се продаваше за помалку од 100 денари./А.Д