Се закроија лозјата во Тиквешијата
Со симболично закројување на виновата лоза и со низа активности денеска во Тиквешијата се одбележа празникот на лозарите Свети Трифун. Во Кавадарци се закрои импровизираната лоза на градскиот плоштад. Благослов за богат род упатија свештениците од кавадаречките храмови и градоначалникот Митко Јанчев.
„Да ја почитуваме традицијата. Таа да не води напред. Лозарите да произведуваат квалитетно грозје, а винарите да прават квалитетно вино. На пат сме да покажеме дека нашето грозје и вино имаат вредност, а тоа можеме само заеднички“ рече Јанчев.
На прослава на празникот Свети Трифун во Тиквешијата денеска беа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Опозицијата критикуваше дека лозарството пропаднало поради погрешни владини политики.
- Она кое што јас можам да го кажам е да им посакам добар род, да им посакам висока откупна цена, цена која што ќе одговара на потребите на лозарите, цена која што ќе овозможи секоја народна година да го зголемуваме родот, а на тој начин и да ја зголемуваме и подобруваме состојбата на лозарите и нормално перформансите во македонската економија и земјоделие, рече Мицкоски.
Ковачевски пак рече дека со новиот закон за вино лозарите добиваат гарантирана цена за откуп на грозјето но и нова посебна програма за финансиска програма за поддршка и развој на лозарството и винарството.
- Производството на грозје и вино отсекогаш било и ќе биде една од најзначајните земјоделски гранки во нашата земја, по што и дома и надвор сме надалеку познати. Заедно со МЗШВ коешто министерот ги предводи и ги предводеше процесите во унапредување на производството и на грозје и на вино успеавме во мандатот на Владата која што јас ја предводев да преку ресорното министерство го поставиме производството на вино на највисоко ниво и тоа го говорат резултатите. Македонија стана број еден извозник на вино во регионот и 13 извозник на вино во светот“ истакна Ковачевски.
Претседателот на здружението „Тиквешки лозаро овоштари“, Дано Јошев искажа не задоволство од тоа што сеуште не е позната цената по која годинава ќе се откупува родот, иако тоа го барале од министерот за земјоделство.
Од МЗШВ денеска информираа дека на денот кога лозарите празнуваат на нивните сметки се легнати субвенции.
„Секој лозар на својата сметка добива 40.000 денари по хектар дополнителна субвецнија. Лозарите како и дуругите земјоделци на крајот од 2023 година ја добија авансната исплата на 30% од основните субвенции за 2023 година, или 12.000 денари. Па така вкупната субвенција што лозарите до сега ја добија изнесува 52.000 денари“ напишаа од МЗШВ.
Ангел Данов